Главните готвачи на кралицата Елизабета „опиени“ од вкусот на македонскиот органски сок
Ванчо Зрнцев, сопственик на компанијата „Биоплант“ производител на органски сокови
Главните готвачи на кралицата Елизабета, на францускиот претседател Емануел Макрон и на светската музичка ѕвезда Елтон Џон, беа дел од жирито на Меѓународниот институт за дегустација од Брисел кое годинава одлучи македонскиот „Биоплант“ цеден органски сок од гоџи, вишна и јаболко да ја добие престижната награда „Superior Taste Award 2021“.Жирито броеше 200 члена, меѓу кои и најдобрите светски готвачи и сомелиери од 20 држави. Но, „Биоплант“ соковите неодамна се закитија и со уште една голема меѓународна награда – „Grate Taste 2021“, овој пат од 500-членото жири на „Guild of Fine Food“ од Велика Британија – најстарата светска манифестација за оценување на квалитетот на храната и пијалаците. Секој пријавен производ на овој „натпревар“, „исправен“ пред готвачи, сомелиери, купувачи и трговци, добива директни, јасни, непристрасни и искрени мислења врз основа на многу изострени критериуми.
Како е да се биде добитник на вакви награди, колку се тие битни за нашите компании, за производителите и преработувачите, дали ги отвораат вратите на светските пазари и што всушност значи да се има квалитетен производ?
МИА поразговара со Ванчо Зрнцев, сопственик на компанијата „Биоплант“ која, освен органски сокови, произведува и саден материјал за гоџи бери и го промовира органското произвоство кај локалните кооперанти.
– Ова е прв случај некој македонски сок да освои вакви престижни меѓународни награди, што секако, претставува огромен успех за нас. Тоа, практично, е и потврда за квалитетот на нашите органски сокови. Со производство на органски сокови стартувавме есента, 2018 година, но во 2014 година почнавме со агро-бизнис, со градење мрежа на кооперанти кои од нас набавуваа садници од гоџи бобинки и ги одгледуваа само за нашите потреби. Така направивме сопствена суровинска база. Гоџито е највредната состојка во нашите органски сокови. Се уште не ги користиме нашите капацитети за производство максимално, 12 месеци годишно, зашто сега произведуваме по 16.000 шишиња од 250 милилитри дневно, односно по околу четири тони сок спакуван во стаклена неповратна амбалажа, која е најдобар избор кога станува збор за премиум производите, истакнува Зрнцев.
Моментно, „Биоплант“ произведува четири различни 100-процентно органски цедени сокови, без додаток на шеќер, вода и конзерванс: сок од јаболко, потоа од гоџи и јаболко, сок од гоџи, вишна и јаболко, како и сок од гоџи, малина и јаболко.https://nezavisen.mk/glavnite-gotvachi-na-kralicata-elizabeta-na-makron-i-na-elton-dzhon-opieni-od-vkusot-na-makedonskiot-organski-sok/