Годинава ќе јадеме леб од домашна пченица

(Oвој напис е објавен на: February 24, 2017)

Поради големиот увоз на евтино брашно и пченица, домашните производители стравуваат дека ќе мора домашната пченица да ја продаваат по пониска цена. Тие бараат државна помош од два денари за килограм продадена пченица, за да можат да ја покријат разликата меѓу производствената цена од 13 денари и цената по која ја продале пченицата од 11 денари.

zitni

Поради подобрите временски услови, годинава се очекува подобар род на пченицата, од ланскиот кој изнесуваше 2,6 тони по хектар. Зголемениот принос од друга страна ќе значи намалување на потребата за увоз на пченица и брашно, кое за жал во изминативе три години бележи тренд на зголемување. Само минатата година во Македонија беа увезени 97.538 тони пченица и 47.835 тони брашно и тоа во најголем процент од Србија.

Поради големиот увоз на евтино брашно и пченица, домашните производители стравуваат дека ќе мора домашната пченица да ја продаваат по пониска цена. Тие бараат државна помош од два денари за килограм продадена пченица, за да можат да ја покријат разликата меѓу производствената цена од 13 денари и цената по која ја продале пченицата од 11 денари.

Мелничарите како најголем проблем го посочуваат фактот што во земјата годишно влегуваат од 45.000 до 50.000 тони увозно брашно по многу ниска цена од 13 денари за килограм. Домашната производна цена за килограм е 14,5 денари, поради тоа што плаќаат скапа македонска пченица. За разлика од тоа, српската пченица и српското брашно се со многу пониски цени. Месечно во Македонија се трошат околу 11.000 тони брашно, односно 15.000 тони пченица. Од увоз доаѓаат околу 4.000 тони месечно, најмногу од Србија.

Според мелничари, голем проблем е квалитетот на домашната пченица. Според нив, само пелагониската пченица е квалитетна и од неа може да се добие добро брашно. За таа пченица плаќаат од 11 до 14 денари за килограм. За останатата, пак, велат дека реалната цена е под 8 денари бидејќи не е квалитетна. Според мелничарите, таа пченица е добра само за мешање со многу квалитетна од Србија или од Бугарија или за производство на сточна храна.

-Во изминатата 2015 година во Македонија вкупно беше засеана површина од 75.316 хектари со пченица од кои 13.996 хектари беа посеани од земјоделските претпријатија, а 61.320 хектари од индивидуалните земјоделски производители. Од оваа површина беше остварена жетва од 193.240 тони на пченица од кои 38.165 тони од земјоделски претпријатија и 155.075 тони од индивидуални земјоделски производители, вели претседателот на Агробизнис комората, Огнен Оровчанец.

Според него, причина за поголемото производство на пченица кај земјоделските претпријатија е примената на подобар семенски материјал и на современи технологии во процесот на производство. И од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека големите земјоделски стопанства немаат никаков проблем, ниту со количеството ниту со квалитетот зашто користат сертифицирано семе и применуваат соодветни агротехнички мерки.

Оровчанец смета дека со воведување на нови технологии во земјоделството и нови сорти кои се отпорни на суши и болести ќе се ублажат негативните последици од климатските промени, а воедно ќе се задржи конкурентноста на пазарот и ќе се подобри квалитетот на пченицата.

И од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија потврдуваат дека мора да се работи на подобрување на квалитетот на семенскиот материјал што го користат производителите. На тој начин ќе се зголемат приносите, но и квалитетот на домашното производство, кое ќе биде конкурентно и ќе ја намали потребата од увоз.

На ниво на Македонија вкупната потреба за пченица изнесува околу 330.000 тони од кои 280.000 тони за леб и бели печива, 32.000 тони семенски материјал и 18.000 тони за државни резерви.