fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаМлад земјоделецТоп вести

Ѓорги Коцев – Се пробав во земјоделие и успеав со органското производство

Земјата од дедо и прадедо која три децении никој не ја работел, сега внукот ја користи за органско производство

Кога ќе најдеме млади земјоделци кои со цел ентузијазам навлегуваат во земјоделското производство особено ни се интересни за разговор, но кога се работи и за органско производство е тогаш нашата желба за репортажа е уште поголема. Таков е случајот и со младиот штипјанец Ѓорги Коцев кој сите во градот го знаат како Џоле. Неговото семејство имало ниви кои се наследени од дедо и прадедо, но ниту тој, ниту татко му немале допирни точки, ниту до скоро не биле заинтересирани за земјоделство. Коцев со средно електро и  со Шумарски факултетот кој му е незавршен, до пред пет години не ни помислувал дека до толку ќе се заинтересира и ќе навлезе во земјоделското производство. Тој кон средината на студиите почнува да работи трговија со месо, со дистрибуција низ земјава, а неговата земјоделската приказна почнува откако му ги барале нивите да му ги земат под закуп за на нив да одгледуваат органски производи.

-Кога почнаа да ме распрашуваат дали ги давам нивите кои ни се семејно наследство, а кои така седеа необработени за под наем, јас само прашав – а што ќе одгледувате на нив? Ми одговорија дека ќе садат органски производи. Во разговор со татко ми првично ми рече дела нивите се десетина до петнаесет години останати необработени, но подоцна кога седнавме да размислуваме произлезе дека нивите никој не ги погледнал точно 32 години, а се  во близина на село Селце на патот меѓу Штип и Радовиш. Така добив идеја да се пробаме, иако немаме никакво искуство со татко ми во земјоделството, да посадиме нешто. И уште веднаш сакав да ја искористам приликата и да почнам со органско производство зашто тоа ми се чинеше како најисправно. Со помош и распрашување околу сите потребно активности инвестирав и првата година засадив органски анасон. Не знам на што се должеше ама го имав најубавиот род во цела држава и се продаде многу добро и по солидни цени. Немавме ништо од механизација, а проблем голем ни е и водата која со црева ја носиме до нивите, раскажува Ѓорги Коцев од Штип за „Зелена берза“.

Гравот на Коцев на трпезите во Швајцарија

Кога почнал со производството имал 34 години, за сега после 5 години да дојде до ниво да веќе договара дел од производството на грав да оди за извоз за Швајцарија со сите потребни сертификати, набавил дел од приклучната механизација преку ИПАРД програмите, а се надева дека наскоро ќе земе и трактор преку некоја програма за да се комплетира. За себе вели дека може добро да се заработи од земјоделството, но многу е полесно ако не зависи егзистенцијата само од тоа.

-Многу е помал стресот ако имаш друг некој бизнис за да можеш да инвестираш првично, па и понатаму, зошто во земјоделството пари може да земеш за два дена, за два месеца или за две години. Земјата нема да те остави без заработка само не секогаш доаѓаат финансиите кога ние сакаме, вели овој млад земјоделец. По неколкуте успешни обиди со анасон се одлучил да одгледува грашок и грав. Целото производство на грашок е наменето за домашниот пазар, а гравот е за извоз за што соработка и помош има од швајцарскиот проект за зголемување на пазарната вработливост кои му го договараат извозот и му помагаат околу консултанти.

-На лице место на нивите на Коцев се дојдени долгогодишни експерти од Институтот за органско производство од Швајцарија кои се финансирани од ланецот на маркети КООП од Швајцарија за да се осигурат во тоа дека ќе имаат производи количински и со висок квалитет за нивните маркети кои се јавуваат како краен купувач. Деновиве се подготвува и поголем извоз на грав од земјава за Швајцарија и таквата соработка во иднина само ќе се продлабочува, рече Габриела Митриќевска Мицевска од програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

-Веќе ме препознаваат како производител на органско кој има добар квалитет. Целата работа бара и добра организација, бара и помош во стручна соработка бидејќи не сум толку стручен за ова производство, но научен сум добро да слушам што ќе ме советуваат. Сакам да се проширам на уште поголеми површини. Од државата барам земја и веќе на неколку огласи сум конкурирал ама се раскинуваа огласите, па никако да дојдам до земја за да произведувам уште повеќе, додава Коцев.

Голема шанса за сите земји од Балканот вклучувајќи ја Македонија е тоа што Швајцарија голем дел од потребите за органски производи наместо од Кина последните години ги набавува од земјите од Балканот кои им се поблиски. Она што недостига е поголема опременост и стручност како производство на поголеми парцели за да се задоволат големите потреби на извозните пазари за органски производи.

 

Тим на Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close