Пелагонија
Град со големина на орев и силно невреме вчера ги зафати пелагониските погранични села Егри и Меџитлија, нанесувајќи огромна штета врз земјоделските култури. Земјоделците се пожалија дека градот им го обра ќарот од годинешниот род од пиперот, житото, јачменот, пченката, бостанот и други градинарски култури.
-Нешто по 16 часот нѐ погоди голема несреќа, сѐ што имавме посадено и посеано е уништено. Град голем колку орев врнеше 45 минути. Невидено досега. Зафати околу 200 хектари од полето. Се случувало и претходни години да врне град во овој период, но толку голем зијан во нашето поле не направил досега, се пожали Манојле Ристевски, жител на Егри.
Жителите на селото раскажуваат дека градот не оставил ништо од родот по нивите.
-И други години имало фатено, но на помала површина. Ова сега оштети две третини од полето. Пиперките се сто проценти оштетени, пченицата 70-80 проценти, јачменот можеби во целост, а и пченката е многу оштетена, рече Славе Стефановски од Егри.
Претставници на локалната власт и надлежни за земјоделство излегоа на терен.
Општина Битола испрати известување за достава на барање за проценка на штети.
-После силните врнежи од дожд и град кои оставија големи последици врз земјоделските насади во неколку битолски села, а со цел локалната самоуправа да им помогне на земјоделците во намалување на последиците со кои се соочуваат, се повикуваат сите земјоделци од општината, во чии што земјоделски површини е направена штета, да достават барање за надомест на штета до Општина Битола. Заедно со барањето, потребно е да достават имотен лист од површината на која се наоѓа земјоделската култура, најдоцна до 24.06.2019 година до 16:00 часот, информираше Општина Битола.
Доставените барања ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за проценка на штети од елементарни и други непогоди.
А.Б