Грците прават зимници со македонски пиперки
Пиперки ајварки, па и готови тегли со македонска зимница, пред се ајвар, лутеница, домата, патуваат преку граница до грчките трпези. Зеленчук за подготовка на овие македонски специјалитети, па и тегли со зимница подготвени во домашни услови, како локум купуваат грчките државјани на битолскиот пазар и на тезгите во пограничните битолски села Бистрица, Егри и Кравари. Никој не знае колку килограми македонска зимница купиле грчките државјани од пазарите во Битола. Но продавачите велат дека најмалку стотина килограми ајвар веќе заминале кај јужниот сосед.
Ваквиот интерес се должи на тоа што во северните делови на Грција, останала традицијата да се подготвуваат ајвар и лутеница, а цените на зарзаватот таму се трипати повисоки отколку кај нас. „На пазарите во Битола, за килограм пиперки плаќаме околу 40 евроценти, а во Грција повеќе од едно евро. За да подготвиме ајвар и лутеница, потребни ни се околу 40 килограми пиперки. Со другиот зарзават кој треба да се додаде, како патлиџани, феферонки и друго, тука ќе потрошиме околу 25 евра, а кај нас над 80 евра. Има и друга варијанта, тука да купиме 25 тегли подготвена зимница, и за тоа да платиме 100 евра. Тоа не чини колку да го купиме зајрето во Грција.
Ова не се високи цени, ако се знае колкав труд бара подготовката на зимницата”, вели Ѕоли Папаниколос, жител на селото Агија Параскева (Света Петка). Дворовите на пограничните села наликуваат на мали погони за конзервна индустрија. Во нив, по неколку жени, здружено подготвуваат зимница. Велат дека тоа го прават за домашни потреби, но доколку некој сака да купи, можат да подготват и за него. Дури имаат и мостри за проба – ајвар со или без патлиџани, помалку лута или поблага лутеница, дури нудат и зимница подготвена со маслиново масло. „Тегла ајвар со пиперки чини 200 денари, со патлиџани 250 денари. Лутеницата чини 220 денари. Ако сакате, можеме и да ви нанижеме суви пиперки, тоа ќе ве чини 400 денари”, ни рекоа жени од битолското село Бистрица.
Во грчка кафеана, ајвар и парче сирење – 10 евра
Македонски ајвар и лутеница купуваат и угостители од северна Грција и во рестораните го служат како специјалитет. Порција ајвар со парче сирење, во тамошните ресторан достигнува цена и до десет евра. Зимница од Македонија за Грција се носи и покрај тоа што грчките гранични служби не дозволуваат нивните државјани да внесуваат повеќе од 20 килограми храна купена кај нас. Ваквите мерки се воведени за да ги заштитат домашните земјоделци од конкуренцијата преку граница. Грчките државјани што одлучиле зимница да купат во Македонија, се договараат количината да ја поделат во неколку автомобили кои истиот ден доаѓаат во Битола, па да немаат проблем при преминувањето преку граница. Се случува и дел од зимницата во Грција да се однесе со македонски возила кои, сметајќи дека превезуваат туристи, службите поретко ги претресуваат.