fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

„Грее“ тутунот на Злате Котевски, голема е неизвесноста за откупните цени

Дали откупот на тутунот ќе биде праведен и дали ќе се исплати маката е најголемата грижа за тутунарите.

Злате Котевски од битолското село Егри е голем производител на тутун, балината со жолто злато „греат“ во неговиот двор и се подготвуваат за предавање, но голема е неизвесноста како годинава ќе се цени тутунот, дали ќе биде праведен откупот и дали ќе се исплати маката.

Котевски има 46 години, од многу млад се занимава со земјоделие, а веќе 14 години обработува тутун. Неговите ниви се на површина од 2,5 хектари, а 1,5 хектари се садат само во тутун. Во земјоделието активно е вклучено целото семејство, неговата мајка Кица, сопругата Загорка, а помагаат и неговите деца.  Годинава Злате е задоволен од квалитетот на тутунот, па очекува повисока откупна цена од лани, каде во просек го предал добил 156 денари од килограм .

Нема достапен опис

-Пред 14 години, кога видов дека оние култури што ги обработувам не ‘одат’ на пазарот немаат добри откупни цени и воопшто немаат пласман се зафатив со производство на тутун. До 2007 година произведував шеќерна репа, ама ‘Шеќераната’, фабриката од Битола што ни го откупуваше родот тогаш се затвори и се насочив на тутунопроизводство. Во тоа време тутунот доби на цена, па почнав првите години да произведувам по 600 до 700 кг, потоа зголемив на 1,5 тони, и сега последните години стасав со производството и до 4 тони тутун. Но, за жал лани тутунот ни се откупи под цена, единствено сум задоволен од откупната компанија „Алијанса“, таму праведно ми се ценеше тутунот, ама не и од другите компании каде истиот квалитет ми се плати многу пониско за 20-30 денари од килограм, вели Котевски во разговор за „Зелена берза“.

Злате се согласува со грото тутунари дека годинава квалитетот на тутунот е далеку подобар заради подолгите сушни периоди ова лето и силно верува дека просечната цена ќе биде повисока, или барем како 2019 година кога успеал да постигне просечна цена од 195 денари од килограм.

Нема достапен опис

-Разликата во загуба, од лани споредбено со 2019 година, на истата количина е над 4.000 евра. Тоа се средства кои ги изгуби моето семејство со ланскиот откуп, ќарот ни отиде, а загуби имаше кај сите тутунари. Во ваква ситуација ниту еден тутунар не планира инвестиции, туку живее да преживее, се пожали Котевски.

Големи се надежи на тутунарите од Пелагонија дека годинава ќе имаат подобра откупна цена на жолтото злато.

-Надежта  е голема за годинешниот откуп, па според она што се кажува меѓу тутунарите, искрено верувам дека  политиката нема да замеша прсти, дека без оглед на партиската определба на тутунарот, тоа нема да игра улога во откупот на родот, вели Злате.

Нема достапен опис

Без однапред познати откупни цени нема напред во земјоделието

Котевски е голем производител и на црвена пиперка-капија, на бостан и на жито. Вели од земјоделие не се откажува, но смета дека секој еден земјоделец за да напредува мора однапред да ги знае откупните цени на земјоделските култури, па од таму да се води и неговото производство. Овој негов став го поткрепува со  ситуации во нашето земјоделие, каде еден производител  се до почетокот на откупот нема информација по која цена ќе го продаде родот. Злате вели, трошоците за производство од година во година се поголеми, а откупните цени се пониски.

-Од 35 до 40 тони годината произведувам пиперка-капија, а годинава имав просечна цена од 18 денари. Како да бидам задоволен кога во 2019, пиперката се продаде за 20 денари од килограм. Плус годинава имаме поскапо гориво, поскапи ѓубрива и препарати. Ако лани ѓубривото го купувавме по 650  денари,  сега тараната од 25 кг има цена од 1.500 денари, вели Котевски и напоменува дека државата мора да посредува меѓу земјоделците и откупувачи однапред да ги знаат откупните цени, пред почетокот на производството и што е најважно за нив навреме да бидат исплатени од откупувачите, а не да чекаат по една година за парите од откупените производи.

-Во однос на земјоделието ситуација е секогаш нестабилна, не ги знаеме откупните цени, освен на тутунот. Лани пченката беше 8 денари, годинава 15, лани пиперот 25 денари, сега под 20 денари. Државата мора да преземе нешто, да преговара со откупувачите и да не заштити, особено во делот на исплатата, тука треба таа да гарантира дека навреме ќе си ги земеме парите и да ги насочи откупувачите. Освен за тутунот што знаеме дека ќе ни се плати за 7 дена од преземањето, за градинарски култури и за житото чекаме со месеци да си ги земеме парите, а така никој не можеме да го видиме бериќетот од парите, порачува Котевски.

Семејството на Котевски е корисник на ИПАРД програмата, неговата  сопруга Загорка како регистриран земјоделец досега успеала да набави нов трактор и помошна механизација. Во неговиот двор веќе има два трактори и се’ што му  е потребно од приклучна механизација за културите што ги обработува. Она што го кажува со задоволство е што во земјоделието му помагаат и неговите три деца, кои покрај тоа што се школуваат вредно работат покрај своите родители.

Нема достапен опис

Нема достапен опис

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close