вести

Во Kорешница братски живеат од црвеното злато

vo koreshnica bratski zhiveat od crvenoto zlato

Изобилство од црвено злато, напластено како песочна дина, вака ни заличи црвениот пипер распослан околу малата семејна мелница на семејството Милошевиќ во демиркапиското село Kорешница. Мелат пипер за сопствени потреби и за своите најблиски роднини и пријатели.

Таму деновиве поминавме прекрасни мигови со луѓето што храната што ја јадат во најголем дел самите ја произведуваат на што може да им позавидат многумина како во градовите така и во селата. Брачниот пар Гордана и Десимир Милошевиќ заедно со двата сина, една снаа и тројца внуци, сложно одгледува педесетина декари разновидни земјоделски култури. Годинава нанижале црвени пиперки за пипер од посадени четири декари површина, но имало години кога површините за производство на овој зачин без кој не може да се замислат многу манџи биле поголеми и трипати.

Дознаваме дека во селото, од левата страна на реката Вардар, селаните, наместо со лозје, одлучуваат да се занимаваат со одгледување пиперки. Образложението е дека виновите лози може да измрзнат во текот на зимата, па мразот да остави последици и во наредните години. За разлика од лозовите насади, пиперките се едногодишни култури и штетата кај нив може да биде пократкорочна. Се случувало понекогаш со чушки, како што велат овде, да бидат посадени безброј ниви, една до друга. Но, поради зголемената цена на дрвата за огрев кои се неопходни за огнот во сушницата во која подоцна се печат пиперките нанижани во низи, како и поради не секогаш обезбедениот пласман и негарантирани цени, се случува земјоделците да кренат раце од црвениот прав кој делува на сетилата, особено на тие за мирис и вкус.

– Вообичаено, во овој период од годината се финишира старата и се подготвуваме за новата производствена сезона. Се подготвуваат нивите со длабоко есенско орање. Практикуваме секогаш да користиме разни површини за да не ја испостуваме почвата со континуирано садење на една иста земјоделска култура на одредена нива. Околу средината на март се сее пиперот во леи. Не купуваме семе, традиционално користиме стара сорта пипер. Можеме да се пофалиме со нејзината отпорност кон болести и еколошкото производство во кое третирањето со пестициди е исклучено – ни појасни постариот син Петар, кој во селото кое ги има сите инфраструктурни услови за живот држи колонијална продавница.

Неговата сопруга Ратка не би го менувала селото за град, па во нивниот случај онаа народната би гласела фали град, но живеј во село.

За копањето што се врши во три фази и наводнувањето се задолжени главно машките членови во семејството, а берењето и нижењето почесто го вршат припадничките на понежниот пол, а помалите деца носат вода за освежување. Се работи во слога, со смеа и позитивна енергија, на кои можат многумина да им позавидат.

– Децата треба да учат за да станат луѓе во вистинската смисла на зборот со сите вредности што го красат еден човек. Но, не треба целото слободно време да го минуваат покрај компјутерот, како што тоа некои го прават. Многу е важно да се научат и да работат и да го ценат трудот во животот. Земјоделството е една благородна работа која никогаш никого нема да остави гладен – нагласи помладиот син Светомир, кој иако работи во Неготино како ветеринарен инспектор и таму си купил стан во кој живее, не го заборава селото од кое потекнува и често престојува таму во друштво на најблиските, многу пати и самиот работејќи по нивите.

Тој им е најубавиот пример на неговите внуци, од кои две се крстени по баба и дедо, а третото е Тамара, дека во животот е еднакво важно да се учи, но и да се засукаат ракавите и да се работи. А тие не можеа да му се изнарадуваат додека бевме таму, постојано се врткаа околу него. Се бараше совет за домашната по англиски јазик или математика, но и за решавање на дилемата дали одредена храна е здрава за јадење или не. Штом се завршат домашните обврски, има време и за игра со домашните миленичиња. А ги имаат многу. Нема што нема во големиот селски двор од семејната куќа на баба и дедо. Kрава, прасиња, кокошки, пилиња и што ли уште не. Да се нахранат, да се соберат јајцата. Бевме сведоци кога Гордана облече постар пењоар за да не си ги валка алиштата и со радост уживаше во друштво на животинскиот свет што ја опкружуваше хранејќи ги животните и птиците со многу љубов и посветеност. Ја фотографиравме заедно со омиленото петле од кокошарникот.

Kилограм мелен пипер до 250 денари

Семејството Милошевиќ не е единственото во Kорешница што произведува црвено злато. Во селото со околу 800 луѓе и околу 1.500 крупни крави, килограм од црвениот зачин може да се купи по цена до 250 денари во зависност од годината и пласманот, но и дали се работи за првосомелениот пипер или за оној од крајот на сезоната.

Производството се пласира кој како ќе се снајде, а најчесто го купуваат скопјани на големо за подоцна да го продаваат на мало. Овде братски живеат Македонци, Срби, Турци, Роми и Јуруци, а има и неколку снаи од Албанија.

Тагови

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close