Хациенда се гради на заштитениот дел на Стрежевско езеро од каде цела Битола пие вода
Информирани се и Општината, и обвинителството, и полицијата. Засега нема мерки да се запре изградбата
БИТОЛА – Хациенда никнала покрај брегот на Стрежевското езеро од каде цела Битола пие вода, а се наводнува и Пелагониски поле. Тоа ги загрижува жителите од околните села особено што раскошната вила се гради на стотина метри од брегот на езерото, во зона која одамна е иселена. Хидросистемот „Стрежево“ е стратешки објект за Пелагонискиот регион и еден од најрепрезентативните капитални објекти во државата.
„Каде ќе одат фекалиите и отпадната вода од хациендата?“ – е прашањето што го поставија граѓани кои испратија анонимна информација до „Независен“.
„Страшно е да се гради покрај браната од која цела Битола пие вода, РЕК ‘Битола’ се снабдува со вода и цело поле ги наводнува нивите. Каде ќе одат фекалиите, во езерото? Нека кажат каде ќе ги собираат, па нека градат? Вака како што е не е во ред“, вели граѓанин познат на редакцијата.
„Независен“ обезбеди фотографија од хациендата и јасно е дека објектот е непосредно до брегот и со поглед кон езерото.
Според информациите што ги имаме, хациендата ја гради стара битолска фамилија која има златарница и се занимава со други бизниси.
Бизнисменот одбрал еден од најубавите предели на битолскиот регион. Езерото е северозападно од Битола на оддалеченост од околу 22 км од градот под падини на Баба Планина и планината Бигла. Акумулацијата сообраќајно е добро поврзана, се оди преку асфалтен пат од сообраќајницата Битола-Демир Хисар и од другата страна преку селото Лера. Пределот околу браната е во зеленило и со преубав поглед кон езерото. Хациендата се гради покрај стратешки објект во поранешниот атар на селото Стрежево кое во осумдесеттите години беше иселено заради изградба на браната.
„Но, тој дел е забранет за градење“, вели првиот човек на ХС„ Стрежево“ Менде Граматковски и тврди дека реагирал уште лани во јуни до Општина Битола, односно општинскиот инспекторат и градежната инспекција. По ова „Стрежево“ било информирано да ги извести и СВР Битола и Обвинителството, тоа и го сторило.
„Кога влегуваме од браната и одиме на десна страна од селото Стрежево таму има стари куќи од луѓето кои во осумдесеттите години се иселија. Најверојатно на дел од куќите е направена експропријација, а на дел не, па веројатно на една од тие парцели се гради оваа хациенда. Лани ние видовме дека таму се изградени нови куќи, најмногу ме погоди тоа што вилата е во близина на брегот на браната и што сопствениците градат во заштитена зона. Се вознемирив зошто таму никнува хациенда, а не смее да се гради, презедов мерки и ги информирав надлежните“, вели Граматковски во изјава за „Независен“.
Граматковски е директор на претпријатие веќе шеста година по ред и нема точно информации од кога почнала да се гради вилата, претпоставува дека е во период од повеќе години. Вели дека најверојатно градежните материјали поминувале и покрај патот кој води кон браната, но ЈП „Стрежево“ не е тоа што треба да ја стопира изградбата на објектот.
„Ние сме должни да ги информираме надлежните, но не и да ја стопираме градбата. Пративме до Обвинителството, а тие го известија МВР и излегоа на терен од нашата полиција. Сега соработуваме и споделуваме информации со цел да се утврди фактичката состојба. Од моментот кога дознавме за хациендата ние како Стрежево презедовме засилени мерки за контрола на движењето на поранешните жители од селото Стрежево. Тврдам дека последниот период преку бараната Стрежево не поминуваат никакви товарни возила кои што носат градежни материјали“, вели Граматковски.
Од Општина Битола за „Независен“ велат дека „До општинскиот инспекторат има пријава од институција, отворен е предмет и се постапува согласно законската регулатива, имајќи предвид дека се работи за високо заштитена зона, акумулација Стрежево“, одговорија од Општината.
Очекуваме информации од СВР Битола и Обвинителството.https://nezavisen.mk/