Хоџа: Не се размислува за повлекување на предлог-законот за продажба на државно земјоделско земјиште
Законот ќе придонесе за развојот на земјоделството, во делот на приходите во буџетот, но и во делот на инвестициите што би биле како дел од евентуалната продажба на земјоделското земјиште, смета министерот.
Министерот за земјоделство Арјанит Хоџа денеска изјави дека не се размислува за повлекување на предлог-законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, бидејќи како што рече, тој закон ќе придонесе за развојот на земјоделството, во делот на приходите во буџетот, но и во делот на инвестициите што би биле како дел од евентуалната продажба на земјоделското земјиште.
Тој информира дека вчера е остварена комуникација со Федерација на фармери, што, како што посочи, првично биле против, а сега по разгледувањата на предлозите што ги предвидуваше и делот на ЕНЕР, но и оние во писмото што го испратиле до Министерството, зеле предвид некои решенија.
– Останува да се организираат уште најмалку две или три јавни дебати каде што ќе бидат присутни по региони и засегнатите страни и самите земјоделци и после тоа кога ќе имаме крајно решение, односно пречистен текст со сите забелешки и сите аргументирани предлози тогаш ќе се продолжи процедурата за доставување до Собрание и за понатамошно собраниска процедура, истакна Хоџа.
Директорот на СБ во земјава, Паолучи, на новинарско прашање да даде оценка за владиниот предлог за продажба на државно земјоделско земјиште, изјави дека не е информиран за предлогот и не може да даде коментар.
– Меѓутоа има многу примери во светот каде што се преземени слични иницијативи. Би рекол дека рецептот тука е да се комбинира јавниот интерес со моделот на раст на земјата. Решението тука би требало соодветно да ги искомбинира овие два елементи и да одговара на потребите на луѓето во Македонија. Како што реков, имаме неколку примери коишто сме ги виделе ширум светот како и во европскиот регион, така и пошироко и имаме неколку извлечени поуки. Уверен сум дека властите во Македонија ги проучуваат и ги разгледуваат овие извлечени поуки за да го спроведат сето ова во согласност со најдобрите меѓународни практики, оцени Паолучи.