И месната индустрија ја чека поддршката од Владата за субвенционирана струја
Заеднички став на овие компании е дека и тие треба да добијат субвенционирана струја, за да обезбедат опстанок на бизнисот во услови на енергетска криза.
По најавите на Министерството за економија за поддршка на прехранбениот сектор и компаниите од месната индустрија и фармите одгледувачи на животни очекуваат да бидат вклучени во тој пакет. При посетите на „Естра Меин“, „Агрија“, земјоделската задруга „Единство“- Челопек, „Везе шари“ и ДПТ„Лецкер“ од страна на Кризниот штаб, формиран од Стопанската комора на Северна Македонија, заеднички став на овие компании е дека и тие треба да добијат субвенционирана струја, за да обезбедат опстанок на бизнисот во услови на енергетска криза.
Во разговорите со претставниците на Кризниот штаб раководствата на овие компании, кои произведуваат исто така основни прехранбени производи (месо и месни производи), потенцираа дека цената на струјата што ќе ја обезбеди Владата, според најавите, ќе биде помала од 100 евра за мегават час, што е двојно пониска од цената на регулираниот пазар. Тоа за нив ќе значи не само опстанок на компаниите, туку и намалување на продажните цени на нивните производи и нивна поголема конкурентност. Сето тоа ќе придонесе за зачувување на економската активност во државата, како и одржување на животниот стандард на населението.
Во однос на моменталната состојба, информираа дека сметките за струја сега се и до десет пати повисоки во однос на истите месеци минатата година. Паралелно со тоа во постојан пораст се и цените на амбалажите и суровинската база.
Одгледувачите на животни, пак, укажуваат дека ова е најлошата година од почетокот на нивното работење. Сточната храна веќе е поскапена за 70%, бележат екстремен раст на транспортните трошоци и на сметките за струја. Сето ова го доведува во прашање опстанокот на овие бизниси.
Од страна на Кризниот штаб беше нагласено дека Комората останува доследна на својата определба да им помогне на компаниите на слободниот пазар на електрична енергија. И понатаму ќе биде во дневен контакт со нив, ќе предлага решенија и ќе биде проактивна и кооперативна со цел да се дојде до решение бидејќи тоа е во интерес не само на бизнисот туку и на самата држава.https://faktor.mk/