Инфлацијата во периодот јануари – јули 10,9 отсто, најмногу поради зголемените цени на храната и енергијата
Месечната промена на потрошувачките цени покажува одредено забавување
Просечна инфлација во периодот јануари – јули годинава изнесува 10,9 отсто, за што најголем удел од три четвртини, имаат растечките цени на храната и енергијата.
Од Народната банка објаснуваат дека динамиката на инфлацијата и натаму главно е одраз на фактори на страната на понудата, односно на порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична енергија, која е под влијание на случувањата во глобалниот пазар на енергија. Сепак, со оглед на долготрајноста на овие трендови, ваквите притисоците брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, што упатува на потребата од водење претпазливи домашни политики.
Сепак, месечната промена на потрошувачките цени покажува одредено забавување, а голем дел од месечниот раст се должи и на донесената одлука за промени во регулираната цена на електричната енергија. Воедно, годишната динамика на базичната инфлација остана стабилна. Исто така, најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци, односно очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу, додека кај цените на нафтата се очекува стабилизирање на крајот на 2022 година, а потоа и нивно намалување. Сепак, ризиците на страната на понудата, особено во поглед на идните движења на цените на енергијата и храната и натаму се значително изразени поради воените случувања во Украина, со што останува голема и неизвесноста поврзана со пренесените ефекти врз домашната инфлација.
Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците на живот во јули годинава во однос на јули лани се зголемени за 16 отсто, а цените на мало бележат раст од 14 проценти.
Во однос на јуни годинава, пак, трошоците на живот пораснале за 1,9, а цените на мало за 2,5 отсто.https://nezavisen.mk/inflacijata-vo-periodot-januari-juli-109-otsto-najmnogu-poradi-zgolemenite-ceni-na-hranata-i-energijata/