Иновативни земјоделци измислија ново рало за зелките

(Oвој напис е објавен на: February 23, 2017)

И покрај повеќето можности што се нудат за нашите земјоделци да се снабдат со механизација, под разни услови, преку разни фондови и програми, пред сѐ преку ИПАРД, тие, сепак, тешко се одлучуваат да навлезат во таква зделка. Пред сѐ, поради нерасчистени имотноправни работи, поради што најчесто земјоделското земјиште не е нивна сопственост и не можат да ги користат поволностите.

inovativni zemjodelci izmislija novo ralo za zelkite

 

Поради сето ова, многумина од нив работат со застарена механизација, неретко и со музејски експонати стари и по 40 години. Но затоа, пак, некои од нив измислиле и иновативни алатки, за да можат сами да си ја олеснат работата во пластениците и фолиите. Така, земјоделците од Муртино, Бориево, Мокриево и Еднокуќево веќе подлог период го користат необичното рало за орање на зелките во фолиите и пластениците, особено актуелно во овој период. Како што нѐ информираа луѓето што работат со овој несекојдневен но корисен пронајдок, негов автор е Васил Маџиров од селото Бориево, Струмичко.

Иновативниот пронајдок се состои всушност од велосипед на кој му е извадено задното тркало и на оската се монтирани мали плугови, за орање на зелките. Велосипедот го турка човекот, при што задниот дел се забива во земјата и на тој начин се ора. Коњот, кој обично се користи за орање со рало, во овој случај го заменува човек, се шегуваат и објаснуваат земјоделците што работат со него. Ова чудо го нарековме „мало коњче“, велат тие.

– Всушност и подобро е да се работи со него во фолиите и пластениците, каде што немате многу простор за маневар. Фолиите се широки околу пет метри и долги повеќе од дваесет метри. Имаат по десет реда со зелки и ако внатре внесете коњ, при орањето секако ќе расипе неколку корени од зелките. Вака, со овој пронајдок, орањето е посигурно – вели Кирил Мицев од селото Муртино.

Го користат и жените-земјоделци. Виолета Т. раскажува дека не е тешко со него да се работи, а единствено кога треба да се искорне тревата околу зелките повторно користат мотика. Таа додава дека со велосипедот плуговите не ораат толку длабоко како кога се ора со коњ, но и тоа е доволно за зелките.
Нашите соговорници се едногласни дека со „малото коњче“ изоруваат и по десет фолии и пластеници на ден.