fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Интервју со Николовски: Сакаме секоја педа земја да ја ставиме во функција на производство на храна

Николовски во интервју за „Локално“ уверува дека со новиот модел на субвенционирање ништо нема да биде скратено и никој нема да биде оштетен.

Министерот за земјоделие Љупчо Николовски  нема дилема дека со парите предвидени во буџетот за 2023 година во целост ќе се имплементира најголемата земјоделска реформа со која треба да се обезбеди зголемено и стабилно домашно производство на храна.

По јавно искажаните стравувањата на дел од земјоделците дека ќе останат без приватните земјоделски површини, Николовски во интервју за „Локално“ уверува дека со новиот модел на субвенционирање ништо нема да биде скратено и никој нема да биде оштетен.

„Ние како министерство немаме намера, ниту можеме да им ги одземеме приватните земјоделски површини на граѓаните. Единствена наша цел е како секоја педа земја да ја ставиме во функција за производство на храна.Земјоделците не губат ништо, ниту пак нешто од досегашнатата поддршка им се крати со новиот предлог модел за субвенционирање, напротив истата се реорганизира во повеќе програми за поддршка, кои треба да бидат поефикасни , дециден е Николовски.

Горд на фактот дека земјава е лидер по искористеност на средствата од ИПАРД програмата, тој потенцира дека преку оваа и ИПАРД 3 програмата,учеството на државата и делот од кофинансирање, во наредните седум години земјоделието на располагање ќе има 210 милиони евра.

Новиот концепт како пилот проект според него, оваа година е веќе применет за сончогледот и дал одлични резултати, двојно зголемување на приносот а целото производство завршило во домашните капацитети.

Врзувањето со предавање во домашните капацитети значи дека и откупувачите сега ќе мора да понудат реални откупни цени и реално да ја вреднуваат земјоделската мака. Џабе се млекарите или тутунските комбинати, ако немаме мелкопроизводители или тутунопроизводителивели Николовски.

Со новиот буџет за 2023 година Министерството за земјоделство добива најмногу пари, близу девет милијарди денари или 145 мил.евра. Амбициознa порака е дека ќе има целосна имплементација на најголемата земјоделска реформа. Какви и кои мерки за подршка се планираат и за кои категории земјоделци?

-Главниот фокус на нас како министерство и на Владата е да обезбедиме стабилно и зголемено домашно производство на храна. Токму во таа насока како министерство, заедно со земјоделците, овој период работиме на до сега најголемата земјоделска реформа, а тоа е подготовката на новиот модел за субвенционирање, модел кој дава решение за сите утврдени досегашни слабости, модел кој треба да е побрз и поефикасен. Целата постапка за подготовка на новиот модел ја водиме крајно транспарентно, со директна вклученост за земјоделците. Најпрво целиот концепт беше презентиран пред Агро Советот, како највисоко тело формирано од Владата, потоа детално беше разгледуван од страна на секоја подсекторска група и како прва работна верзија беше презентиран пред Владата. Овој период уште еднаш на терен преку директни средби со земјоделците и земјоделските здруженија го презентираме новиот модел, со цел заеднички да креираме модел прифатлив за секој еден земјоделец. Со буџетот за 2023 година Владата обезбеди до сега рекордни средства за земјоделството, а со тоа овозможи и доволно средства за да започне примената на новиот модел за субвенционирање, но и на сите нови програми за поддршка на земјоделците кои ги креираме. Земјоделците не губат ништо, ниту пак нешто од досегашнатата поддршка им се крати со новиот предлог модел за субвенционирање, напротив истата се реорганизира во повеќе програми за поддршка, кои треба да бидат поефикасни.

Главниот фокус на новиот модел е токму виситинскиот земјоделец, оној чија главна дејност е токму земјоделството. Стариот систем за субвенционирање каде земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ дека оствариле производство го заменуваме со нов т.н. decoupling систем каде земјоделците ќе мора да докажат дека имаат остварено и предадено производство. Како пилот проект овој концепт го применивме оваа година кај сончогледот, поттикнувајќи го договорното производство, односно исплатата на субвенциите ги поврзавме со остварен принос и предавање во домашни капацитети. Ваквиот концепт даде одлични резултати, што дополнително не мотивираа да го започнеме доснесувањето на новиот модел. Бележиме повеќе од двојно зголемување на приносот кај сончогледот за оваа година и целото производство заврши во домашните капацитети. Преку новиот модел за субвенционирање сите земјоделци добиваат основна субвенција, која авансно би се исплаќала, а би била наменета за одржување на земјиштето во обработлива состојба.

Дополнителна субвенција добиваат сите земјоделци кои произведуваат култури, за кои подсекторските групи ги утврдиле како значајни култури и производи, ќе остварат и докажат принос и целото свое производство ќе го предадат во регистриран домашен капацитет. Дополнителна субвенција ќе добијат и оние земјоделци кои одгледуваат значајна култура, а своето производство го користат за сопствени потреби произведувајќи финален производ. Ја продолжуваме и поддршката кон сите земјоделци за зелена нафта, која оваа година е до 50%, а преку направените законски измени овозможивме да достигне и до 100%. Интервентната програма, која оваа година за прв пат ја вовдовме и сме единствени во регионот, даде одлични резултати и како добра мерка ја продолжуваме и следната година. Успеавме оваа година целосно да го разработиме планираниот брз систем за исплата преку оваа интервентна програма, кои се одвиваше на неделно ниво. Па така преку оваа програма предвидуваме и побрза исплата кон сточарите за предаденото млеко, која би се одвивала секој месец, а би продолжила и поддршката за вештачкото ѓубриво, мерка која даде одлични резултати оваа година и во пролетната, а очекуваме и сега во есенската сеидба. Програмата за рурален развој прераснува во инвестициона програма, каде покрај досегашните успешни мерки, како поддршка за млад земјоделец, рурална жена и мерката за набавка на педигриран добиток, креираме нови мерки за поддршка на земјоделците. Па така за прв пат креираме мерка бизнис план во земјоделството, мерка која ќе им помогне многу на земјоделците во реализирање на планираните инвестиции за модернизација на производството. Повикот ќе биде отворен во текот на целата година, а земјоделецот ќе може, тогаш кога он е подготвен, да направи бизнис план и сам да одбере каква инвестиција ќе реализира. Оваа мерка е наменета за вистинските земјоделци, чија основна дејност е земјоделството.

Тука е и новата мерка за советодавни услуги во земјоделството, мерка која ќе стартува со донесување на законот, а треба да им овозможи на земјоделците советодавна помош и насочување како правилно да ги искористат сите мерки кои им се ставаат на располагање. Уште една нова програма која ја креиравме е програмата за откупот на свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи. Преку оваа програма го поддржуваме и поттикнуваме откупот на домашни земјоделски производи и обезбедуваме здрава ужинка за нашите ученици во основните училишта. Веќе ја започнавме реализацијата на оваа програма, за која се обезбедени 20 милиони денари, набавувајќи оваа година наши домашни јаболки, кои ќе бидат дистрибуирани до 350 основни училишта, за 186.000 ученици. Со буџетот за следната година во оваа програма веќе се планирани 40 милиони денари, каде покрај јаболката, набавени ќе бидат и други производи кои ќе бидат дистрибуирани до училиштата.

Преку програмата за финасирање на мали семејни производители на вино, ја продолжуваме поддршката кон малите семјени винарии, преку грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство, со цел да овозможиме нивен натамошен развој. Како нова програма исто така ја креиравме програмата за финасирање на малите производители на храна, со цел да поттикнеме 2000 производители на месни и млечни производи, како и други преработки од овошје и зеленчук својата дејност да ја регистираат во АХВ развивајќи нови брендови на традиционални производи. За нив обезбедивме исто грант до 10.000 евра наменет за набавка на опрема за производство и директна продажба, развивајќи го концептот за продажба од праг или фарма. Криравме и програма за поддршка и развој на земјоделските задруги, со цел развој на селата и економско здружување. Поддршката за земјоделските задруги би била до 3 милиони денари за веќе постојните задруги и 1.500.000 денари за ново формираните земјоделски задруги.

Дека сме целосно фокусирани кон поддршката на земјоделецот и стабилно домашно производство на храна докажавме и со ребалансот на буџетот за 2022 година, каде обезбедивме 2,7 милијарди денари средства наменети за целосно расчистување на заостанатите обврски кон земјоделците и дополнителни 500 милиони денари, средства наменети за интервентна поддршка кај земјоделците и за есенската сеидба. Наша главна цел е поддршка до секој еден земјоделец, да има помали производствени трошоци, но и да обезбедиме стабилно домашно производство на храна, а со тоа и помала увозна зависност на државата од стратешките култури или производи.Целото интервју на селдниот линк https://lokalno.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close