Искористувањето на термалните води во градинарството се уште само ветување
Државата нема слух за предлогот термалните води да се користат наместо нафта, како енергенс за загревање во градинарството, велат од Стопанската комора на Македонија. На оваа тема имало поплаки и многу пати се разговарало, но засега се е останато само на ветувања.
Како што беше речено денеска на прес-конференција, Комората се уште нема никаква најава за воведувањето на „зелената нафта“ и за другите мерки што ги предложи Министерството за земјоделство, ниту знае дали со предвидениот ребаланс на Буџетот се планирани дополнителни средства за агро секторот.
-Минатата недела повторно имавме средба со дел од претставниците на оранжериското производство кои користат термални води, но засега нема пооглем успех. Очигледно нема слух. Сметаме дека тоа би било решение за поголемите производители на зеленчук, пластеничко, градинарско производство, истакна Васко Ристовски од Стопанската комора.
Одговорајќи на новинарски прашања, Ристовски нагласи дека „зелената нафта“ е секако една од мерките што би им го олеснила производството на земјоделците, правејќи го поевтино и поконкурентно.
Претходно, Комората апелира дека за развој на земјоделството е неопходно да се зачуваат автохтоните, домашни сорти, како и дека тие се можност за почнување нов, успешен бизнис.