Исплата на винското грозје
Дел од винарските визби почнаа да го плаќаат купеното винското грозје од годинешнава реколта. До денеска, 15-ти декември, според Законот, на лозарите треба да им биде исплатена првата рата од 20 проценти за предадените количества.
До денеска винските визби треба да им ја платат на лозарите првата рата од 20 проценти за купеното грозје. Според Законот, исплатата е на три рати во рок од шест месеци од преземањето на откупениот род.
Првата рата од 20 проценти треба да се плати до 15-ти декември, втората од 40 проценти, најдоцна до 15-ти февруари наредната година, и последниот износ докрајот на април.
Според информациите од ресорното министерство првите пари се веќе легнати на сметките на лозарите, односно се исплатени скоро 25 проценти од вкупното откупено грозје.
Во Македонија со лозарство се бават скоро 48.000 земјоделци. Годинава поради лошите временски услови родот на винско грозје беше помал за 50 до 60 проценти.
Дел од грозјето се пласира во странство, а дел во домашните преработувачки капацитети.