Истиот леб во Битола 23, во Скопје 28 денари
Млеко, јогурт, леб, путер, тестенини, чоколади, масло за јадење и уште многу други прехранбени производи од ист производител на рафтовите во разни продавници во земјава може да ве шокираат со разлики во цени кои од маркет до маркет се разликуваат и до најмалку 40 отсто. Маржата е ексклузивно право на трговците во пазарна економија, но се отвора дилемата до колку проценти може да се игра со цената на еден ист производ.
Сто различни цени
Граѓаните како одбранбен механизам од ваквите различни цени го користат шетањето од продавница до продавница за да си го купат истиот производ по најевтина цена.
– Истиот леб од голем производител кој во Скопје го купувам за 28 денари, во Битола чини 23 денари и тоа во голем синџир на маркети, а во помалите продавници ми кажаа дека се наоѓа и за 21 или 22 денари. Го анализирав да не грешам дали е истиот, да не има помала тежина, но лебот беше ист. Производителот нема пекарница во Битола, туку во таа цена од 23 денари е вклучен дури и трошокот за транспорт. Kаде е тука економската логика да се нуди пониска цена на производ кој реално со транспортот од Скопје до Битола треба да чини дури поскапо, а не 20 проценти поевтино – коментира една скопјанка револтирана затоа што граѓаните од метрополата најчесто секој производ или услуга ги плаќаат поскапо во ситуација кога просекот на платите е речиси ист.
Досега за разликата во цените никој не се пожалил до Организацијата на потрошувачите.
– Немаме поплаки од граѓаните за различните маржи во разни маркети на еден ист производ, но ние реално на тоа и не можеме никако да влијаеме. Зошто сме пазарна економија и трговците сами си ги одредуваат цените. Цените на производите тешко и се следат поради акциските продажби. Затоа граѓаните траба сами да си калкулираат и изборот е нивни од каде ќе пазаруваат – вели Маријана Лончар, претседател на Организацијата на потрошувачите.
Граѓаните, пак, велат дека веќе отвораат четири очи при набавките на основните производи зашто повеќе пати им се случило истиот производ да го видат во друга продавница по многу пониска цена.
Брза заработувачка наместо поголем обрт
За експертите пазарното стопанство во земјава не функционира најсоодветно, а трговците сакаат брза заработувачка за сметка на поголем обрт.
– Единствена цел на трговците им е лесно и што побрзо да дојдат до своите вложени пари, а за трговската маржа мислат само помалите трговци, кои сакаат да привлечат потрошувачи оти помала маржа значи и поевтин производ. Големите трговски куќи, свесни за големиот број потрошувачи, си дозволуваат повисоки маржи, кои се платени од потрошувачите – објаснува професорката Марија Зарезанкова-Потевска.
На овој начин, вели таа, се збогатуваат големите синџири со голем број продавници, а помалите остануваат на маргините на пазарите, со пониски маржи, но неинтересни за одреден број купувачи кои имаат голема куповна моќ.
– Трговците не се свесни дека со помала маржа би имале поголем обрт на капиталот, а со тоа и поголема добивка. Уште размислуваат како брзо и лесно да се збогатат на краток, рок а на долг рок не размислуваат како да ги зачуваат своите потрошувачи – вели Зарезанкова.
Поместување кај свеста на потрошувачите покажаа последните промени во листата на најуспешни компании во земјава која ги помести погоре помалите синџири маркети за прехранбени производи кои работат со ниски маржи на сметка на престижните големи синџири кои во последните години се подолу на листата.