Јадеме ли храна со ист квалитет како европската?
Хрватска и Чешка, а деновиве и Словачка пред Советот на ЕУ го отворија прашањето за двојни стандарди во квалитетот на храната
Има ли двојни стандарди во квалитетот на храната која се продава во развиените западноевропски земји и во Македонија? Дали чоколадите, сосовите или супите на големите светски брендови се со ист вкус насекаде или пак посиромашните пазари, добиваат и производи со „посиромашен“ квалитет?
Хрватска и Чешка, а деновиве и Словачка, се земјите од Европската Унија кои пред Советот на ЕУ го отворија ова прашање, по низа анализи на продукти кои покажале дека нивните граѓани јадат понеквалитетна храна од Германците или Французите. Словачка, со нејзиното претседателство на Советот верува дека ова важно прашање конечно ќе биде отворено и дека ќе се стави крај на двојните стандарди на квалитет, истовремено инсистирајќи на построга легислатива на европско ниво.
Во Македонија нема податоци, ниту пак иницијатива да се утврди каков е квалитетот на светските брендови за храна кои се продаваат кај нас. Македонската легислатива за безбедност на храна е усогласена со европската. Сепак, нивото на квалитетот на состојките кои го чинат еден производ не секогаш значи дека тој е небезбеден. Она на што реагираат Хрватска и Словачка, како и повеќето од Централно и Источноевропските земји е што голем број од производите се докажано безбедни, но не се исто квалитетни за различни пазари.
Дали истата „нутела“ и „милка“ се јаде и во Македонија и во Германија, според домашните експерти, досега не е анализирано.
„Досега не е направена споредбена анализа на еден производ кој се продава кај нас со истиот производ кој бил купен во некоја западноевропска земја. Заради тоа и не можеме да знаеме дали навистина има разлики во квалитетот“, вели Билјана Петановска, професор на факултетот за Земјоделски науки и храна.
Хрватската европарламентарка Билјана Борзан започна истражување на квалитетот на навидум идентични производи на пазарите во старите и новите членки на ЕУ.
„Ова прашање им пречи на луѓето, а истовремено ги крши основните принципи на Европската унија. Ако еднаквоста се однесува на јазикот и религијата, зошто не и за оваа област? Истражувањето колегите од Чешка покажа дека повеќе од половина од прехранбени производи во однос на германскиот пазар, се поскапи и со понизок квалитет, иако тоа е сосема нелогично, со оглед на финансиската моќ на Чесите“, вели Борзан.
Чешките анализи покажуваат дека пакувањето на производот може да е исто во Германија и во Чешка, но содржината најчесто не е. Во најголем број од случаите чешката верзија е со понизок квалитет, што се чини дека е начин на производителите да го решат проблемот со пласман на стоката со послаб квалитет, пишуваат чешките медиуми.
Чешките студии покажaле, на пример, дека едно шише газиран сок од еден литар што се продава во германски супермаркети е засладен само со шеќер, додека истиот сок во Чешка содржи и фруктоза и гликозен сируп, а се продава и за повисока цена.
„Граѓаните тоа го сметаат за неправда“, вели чешката европарламентарка Олга Сехналова.
Прехранбената индустрија, од друга страна, пак, тврди дека различниот квалитет на некои продукти на различни пазари се должи на особеностите на националните вкусови во Европската Унија.