fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

К-15 годинава чини 300 евра

Во јавниот сектор, по прв пат, право на К-15 добија вработените во образование, здравство, полиција, армија и многу други.

Остануваат уште два месеца до кога фирмите и работодавачите имаат обврска да исплатат регрес за годишен одмор, популарно наречен К-15. Според Законот, право на регрес има секој вработен со најмалку шест месеци непрекинат стаж кај работодавецот, без разлика на тоа дали е на определено или неопределено време. Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) велат дека за 2025 година регрес за годишен одмор е обезбеден за околу 600 илјади вработени во приватниот и во јавниот сектор согласно со двата потпишани општи колективни договори.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година, активното население во Македонија изнесувало 792.779 лица, од кои вработени се 694.506, а 98.273 лица се невработени.

Во член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството се посочува дека регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата или 18.141 денари, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Додека, пак, согласно со член 21 од ОКД за јавниот сектор, вработените во јавниот сектор имаат право на регрес за годишен одмор, во висина од најмалку 30% од основицата или 12.372 денари, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. К-15 им следува и на оние работници што ја смениле работата, ако претходно непрекинато работеле половина година во иста компанија.

– Шестотини илјади работници добија право на регрес за годишен одмор (К-15), а за ова право се избориле само 10 проценти од нив, а го уживаат сите. Тоа значи дека само еден од десет работници се бори, а деветмина ги уживаат правата за кој се изборил овој едниот и го критикуваат дека е малку. Замислете колку ќе беше износот на К-15 ако деветмина од 10 работници беа членови на ССМ и деветмина од 10 работници се бореа заедно со ССМ затоа што силата на работниците е во нивната бројност организирани во синдикат, наспроти моќта на капиталот и на политичката моќ. Членовите го финансираат колективното договарање и ја финансираат синдикалната акција (протестите и штрајковите), а придобивките ги уживаат сите – вели Иван Пешевски, потпретседател на Советот на ССМ за приватен сектор.

Тој потсетува дека во јавниот сектор, по прв пат, право на К-15 добија вработените во образование, здравство, полиција, армија и многу други.

– Во 80 проценти од случаите во приватниот сектор каде што ССМ има свои членови, регресот за годишен одмор со колективен договор на ниво на работодавач е утврден во висина од 100% од просечната плата и истиот е веќе исплатен, што треба да претставува причина повеќе работниците во приватниот сектор да се приклучат во ССМ. Таму каде што ССМ има членови, има и К-15, има и почитување на Колективните договори, а таму каде што нема синдикат, газдите си мислат дека можат да газат преку работниците. Никое од работничките права не им е подарено, за секое од нив се имаме изборено – нагласува Пешевски.

Регресот за годишен одмор треба да се исплати во периодот од 1 јули до 31 декември. Оваа сума многумина ја очекуваат со надеж, бидејќи често е единствениот „подарок“ што го добиваат за цела година. Но, и покрај законската обврска, има вработени кои нема да ја видат на својата сметка. За нивните работодавци Законот е јасен – казна до 4.000 евра. Од нив, од 2.000 до 3.000 евра се предвидени за самата фирма, а од 500 до 1.000 евра за одговорното лице кое, формално, треба да се грижи за правата на работниците.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close