Кај Мегленци ќе „никне“ современа Пелагониска депонија
Нова регионална современа депонија лоцирана кај Мегленци во близина на рудниот Суводол, ќе добијат 9-те пелагониски општини, откако ќе заврши експлоатацијата на јаглен. Локацијата преку конкурс беше одобрена од страна на Министерството за животна средина која го координира проектот што ќе се реализира со средства од ИПА програмата.
На теренот започнаа геолошките испитувања кои ќе ги изведуваат експерти од Геолошкиот институт во Штип, на чија основа треба да биде изработен и основниот проект за депонијата
Со изградбата на новата современа депонија во целост ќе биде завторена сегашната дива депонија кај Мегленци, која покрај несоодветните услови во кои се фрла ѓубрето, претставува и дополнителна опасност за околното население и нивната стока.
По завршувањето на овие активности, ќе следи изработка на физибилити студија во која ќе бидат опфатени- селектирање на сметот во деветте општини, изградба на претоварни станици, примена на европски еколошки стандарди и економските бенефити со производство на биогас, електрична енергија и компостирано ѓубре. Регионот ќе треба да одлучи кој ќе стопанисува со идниот капацитет- дали преку концесионирање или со јавно приватно партнерство. Европските фондови, ваквите проекти ги финансираат со износи од 12 до 35 милиони евра.