fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Како исчезна памукот од македонските ниви

Памукот на територијата на нашата држава се одгледувал уште во 16 век, но помасовно присуство имал во периодот по Втората светска војна. Сега на македонските ниви нема ниту едно коренче.

Памукот како индустриска култура, важна за текстилната индустрија трајно исчезна од македонските ниви. Последните насади се забележани во првата половина на 80-тите години од минатиот век. Се садел во областите покрај реката Вардар и Тиквешијата. За разлика од кај нас, памукот се уште се одгледува на плантажите во соседна Грција во регионот на Пела.

Памукот како земјоделска гранка во Грција сочинува 8% од вкупното земјоделско производство и ангажира околу 75.000 земјоделци. Во 2012 година Грција беше 9-ти по големина производител на памук во светот, а воедно и најголем во Европската Унија. Во таа година се проценува дека се произведени 367.000 милиони тони памук. Одгледувањето памук во Грција зафаќа речиси половина од наводнуваните површини во земјата. Се одгледува во Централна Македонија (регионот на Пела), Тесалија и Централна Грција. Единствениот вид кој се одгледува во Грција е мекиот памук (Gossypium hirsutum). Тој е повеќегодишен, но поради тоа што не може да ги преживее студените зими, во регионот на Пела се одгледува како едногодишно растение. Овој вид на памук е многу ценет затоа што се одликува со многу добар сјај, голема издржливост и еластичност. Памукот во Пела се сее од почетокот на април, па се до средината на мај. Бербата на памукот која се извршува со специјални комбајни обично започнува при крајот на месец септември.

Памукот на наша почва се одгледувал уште во 16 век

Според историските податоци памукот на територијата на нашата држава се одгледувал уште во 16 век, но помасовно присуство имал во периодот по Втората светска војна. Тој се одгледувал  во регионот на Вардарската долина, Тиквешијата, југоисточниот дел и поединечно на многу други места низ државата. Поради присутноста на многу текстилни фабрики со свои ткајачници и предилници пласманот на секој произведен килограм бил загарантиран. Но со експанзијата и се поголемата употреба на синтетички материјали во текстилната индустрија, континуирано почнал да се намалува и интересот за природните материјали како памукот. На светските берзи се нудел памук со одличен квалитет за ниска цена. Како последица на ова тој во првата половина на 80-тите години од минатиот век трајно исчезнал од површините на кои бил присутен со децении.

Во 2012 година по отсуството на памукот од македонските ниви од околу 15-тина години беше направен обид од страна на конфекцијата EAM T-SHIRTS INDUSTRY од Штип за повторно заживување на оваа култура на нашите простори. Памукот беше засаден на 15 хектари. Но, поради сувата земја без можности за наводнување, без поддршка од страна на државата се дојде до производна цена која е повисока од увозната цена на ист памук од Индија или Кина. Поради забраната за субвенционирање на тутун од страна на Европската Унија (нешто што најверојатно ќе се случи и кај нас  во иднина), памукот може да биде алтернатива на многу земјоделски производители кои гравитираат на места каде што климатско-почвените услови тоа го дозволуваат.

фото Пела Грција 

Цената на памукот на светските берзи е во континуиран пораст

Памукот е земјоделска култура со која се произведува влакно за потребите во текстилната индустрија. Во оваа индустрија тој е најважниот влезен инпут кој што има природно потекло. Со натамошна преработка на ова влакно се добива памучна ткаенина. Од семето на памукот се изработува памучно масло кое се користи во човековата исхрана. Исто така од остатоците на памукот се прави „памучна пита“ која се користи како добиточна храна.

Најголеми производители на памук на светско ниво се Кина, Индија и САД. Во Европа најголем производител е Грција која учествува со 80% од вкупното производство на памук во Европската Унија.

Поради зголемената побарувачка денес цената на памукот на светските берзи е во континуиран пораст. Како последица на силната побарувачка на светскиот пазар се очекува прогресивно зголемување на извозот на памучни ткаенини од страна на Кина како најголем производител. Ова се должи пред се на тоа што се повеќе преовладува свеста кај човекот дека употребата на природните материјали е многу подобра и поздрава одколку користењето на евтина синтетика.

Памукот е чувствителен на климатските варијации

Памукот е доста чувствително растение, како на плевели така и на климатски варијации. Високите температури и стресот поради недостаток на вода го ограничуваат производството на памукот. Најсоодветна клима за правилен развој е умерена топлина и студена пролет, чести дождови, но не и многу обилни врнежи, особено во периодот пред берба. Поради обилни дождови може да дојде до оштетување на растителните влакна. Интересно е да се напомене дека за разлика од многу други земјоделски култури приносите на памукот не се намалуваат доколку се користи иста парцела неколку години по ред. Поради чувствителноста на растението контролата на плевелите е доста тешка и нивното присуство може многу да го намали производството. За време на сеидбата температурата треба да биде околу 15 степени, бидејќи пониските температури го одложуваат р’тењето и семето може да рaзвие габична инфекција. Како прихрана добро е повремено да се користат азотни ѓубрива. Кога е потребно наводнување тогаш е добро да се направи со методот на вештачки дожд, односно да се врши прскање на целото растение. Цветовите кога се отвораат во фазата на цутење се бели, но подоцна нивната боја преминува во виолетова или црвена.

 

Текст и фотографија: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close