Во овоштарниците ги има следните агротехнички мерки: обработка на почвата
и чистење на овоштарниците од плевели, а насадите каде што се сеат култури за
зелено ѓубрење се заоруваат.
Заштита кај јаболката и крушите – за време на цветањето се прска против
бактериска пламеница и монилија на плодовите. За таа цел се користат фунгициди со
некоја од следниве активни материи: боскалид+пираклостробин, пириметанил,
ципродинил, пенконазол, пропинеб, манкозеб и сл. Во јаболковиот насад прскањето се
врши во интервал од 7 до 10 дена. Во месец мај се изведуваат 3 до 4 прскања кои се
насочени кон превенција од чадливата краставост, монилијата, пепелницата, лисните
вошки и крушкината болва. Неопходно е и прскање против ларвите на јаболковиот црв
со инсектициди кои што се на база на некои од следните активни материи:
хлорпирифос, циперметрин, алфа циперметрин, диметоат, метоксифенозид,
луфенурон и сл. Кај крушата се врши прскање во интервал од 10 – 12 дена и се
насочени против чадлива краставост, бактериска пламеница, лисни вошки, крушкина
болва, црвливост. За заштита и превенција од гореспоменатите болести се користат
фунгициди кои што содржат некои ид следниве активни материи:
боскалид+пираклостробин, пириметанил, ципродинил, пропинеб, манкозеб.
Во мај се врши првото прскање против најопасниот штетник на црешата:
црешина мува. Раните сорти не се прскаат со инсектицид против овој штетник, затоа
што тој не ги напаѓа овие сорти. Третирањето против црешова мува се изведува со
инсектицид кој што е на база на некоја од следниве активни материи: делтаметрин,
тиаклоприд, имидаклоприд, ацетамиприд, диметоат, хлорпирифос и сл.
Во лозјето во месец мај исто така има одредени практики кои се вршат и кои
имаат директно влијание врз квалитетот и квантитетот на бербата. Лозјата се чистат
од плевели преку плитка обработка на почвата. Кај лозјата засадени на ридест терен
се прават прекинати ровови / бразди за заштита од ерозија и собирање на одводните
води. Во почетокот на месецот се ѓубри со азотни ѓубрива со приближна норма од 8-
10кг/ха активна супстанца. Во ново засадените лозја се разровкува кората на горниот
слој од почвата, со цел да се подобри водено – воздушниот режим, внимавајки да не
се одронат развиените папки и леторасти. Во мај месец многу важен момент е и
филизењето на лозите. Кај младите лозја се врши на висина на леорастите од 15-
20см и е потребно за нивно формирање. При филизењето се одстрануваат сите
неплодни леторасти по стариот дел на лозата, со исклучок на оние кои служат за нови
лозови единици.
Во градинарството, до кај 20 – 25ти мај завршува садењето на пикираните
растенија за рано производство на домати. Засадените домати се преполовуваат за 5
до 7 дена со искоренување на растенијата и се поставува потпорна конструкција. По
пресадувањето се врши првото, а по 10 – 15 дена и второто окопување на доматите.
Со првото окопување посевите се прихрануваат со шалитра и тоа 20 – 25кг/ха. Како кај
доматите, така и кај пиперот и модриот патлиџан до средината на месецот се
завршува со садењето на пикираните растенија.
Говедарството во месец мај. Животните воглавном се пуштаат на зелена паша
и преминот од есенско-зимско хранење кон пролетно – летно е во тек. Во овој период
тревите се богати со фитоестрогени, кои што можат да предизвикаат абортус кај
животните во ран стадиу на бременост. За да не се менуваат квалитативните и
квантитативните параметри на издоеното млеко кај молзна крава, се препорачува
следниов пример норми: 1.тревна смеска во почеток на цветање – 20кг, 2. Сено од
луцерка – 4кг, 3. Мелена пченка – 3кг. Се дава и по 0,5кг концентрирана сточна храна
за секој литар млеко над 5л млечност.
Во месец мај се врши големо одржување на системите за молзење (молзните
сали, инсталации со централен млекопровод) – потрошените молзни чорапи се
заменуваат со нови, се проверуват протоците, се вршат поправки на безбедносните и
електрични инсталации. Добро е по завршувањето на горенаведените активности, да
се одржат профилактички мерки против субклинички маститис. Во втората половина
на месецот потребно е задолжително да се изврши чистење на фармата, како и да се
почитуваат законските барања за управување, т.е мерките од Добра Земјоделска и
Хигиенска пракса, како и при складирање, транспорт и чување на ѓубривото во
фармите.
Овчарството во месец мај е поврзано со посебна грижа за животните во
периодот по одвикнување и реализација на јагнињата и нивното преминување кон
пасиштата. Веднаш по одвикнувањето јагнињата не смеат да се пуштаат на сочна
паша бидејки може да добијат дијареа и лесно да ослабат. Шилежињата се пуштаат
на паша откако дневната норма е составена од концентрирана сточна храна и малку
сено. Така се ограничува можноста од прехранување со зелена трева. Транзицијата
од исхрана во шталите кон исхрана на пасиштата се спроведува за околу 20 – 25дена.
Во месец мај се отстрануваат причините кои водат до маститис кај овците. Имено: 1.
Избегнување молзење во влажни и непроветрени простории, 2. Можни се и повреди
на вимето како резултат од гребнатини, триење и сл. 3. Се врши чистење и
дезинфекција на бачилата, 4. Во присуство на молзен апарат се води строга
одговорност за правилното миење и сушење, 5. Болните овци се изолираат,
издвојуваат одделно и се третираат со антибиотици.
Пчеларство – во месец мај настапува првата главна паша од еспарзета и бел
багрем. Има и многу други видови дрвенести грмушки и тревни видови: бука, летен
даб, јавор, детелина, колиандер и др. Пред доаѓањето на главната паша пчеларите
треба да направи преглед за да се информира за силата и здравствената состојба на
пчелните семејства. Кај многукорпусните кошници се става дополнителен спрат, трети
или четврти, ако семејството е многу силно. При мобилното пчеларење, избраното
место е неопходно да се исчисти од висока трева и камења. Местото за подвижно
пчеларство треба да е отцедливо, поставено на источната страна и по можност да има
грмушки, под чија ретка сенка има коприва.