fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Ќе се спасат ли навистина граѓаните од заборавени сметки

Законот е донесен, но нема да важи ретроактивно, а има и други нејаснотии

Кој од кого го препишал законот и во чија програма тој изворно постоел, но и кој се формално ќе важи како негов предлагач, беше предмет на дебата меѓу пратениците од различните политички партии во текот на вчерашниот ден, анализира Фактор.

Како и да е, речиси сите му дадоа поддршка на законското решение со кое ќе се смени Законот за облигациони односи, почнувајќи од први октомври годинава, и со кое, каматата на неплатениот долг треба да престане да расте кога ќе го достигне износот на главнината на самиот долг.

Предлагачи на законот се петмина пратеници од владејачката коалиција, па СДСМ тоа го претстави како свој успех, откако вчера беа изгласани законските измени, а Левица реагираше дека тоа е прекопирано од нивната програма, но и дека и тие се придружиле како формални предлагачи на материјалот. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, изјавија дека даваат целосна поддршка на законското решение, иако има одредени недостатоци.

Односно, на вчерашната пленарна собраниска седница, дури 80 пратеници решија да гласаат „за“ овој закон, што е силна поддршка, каква што одамна не се случила за одредено законско решение.

„Кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече“, се вели во предлог законските измени, што е всушност клучната одредба од законот.

Фактор разговараше со дел од експертите, но и со граѓанскиот сектор, за тоа каков е нивниот став за ова законско решение.

Ана Глигорова, долгогодишен жесток граѓански активист и прв човек на неформалното граѓанско здружение Стоп за грабежот, вели дека е добро што се донел ваков закон, со кој колку толку одредени граѓани ќе бидат „спасени“ од големиот должнички товар.

„Сепак, мора да се нагласи дека главна фалинка на законот е што тој нема да важи ретроактивно, односно и за старите побарувања“, вели за Фактор Ана Глигорова.

Таа додава дека овој закон е всушност правно недоречен, бидејќи своевремено не било прифатено барањето на граѓанската фела, но и на професори од Правниот факултет, за дефинирање на застарбата на побарувањата за 10 години, како и за вклучување на извршителите.

Вели дека поради фактот што не било прифатено тоа решение, извршителите можат да ги чуваат старите сметки и да ги пуштат кога тие ќе одлучат, или компаниите за кои работат.

„Штом тоа не е корегирано, уште ќе имаме сметки од пред 30 години за кои должникот не ни знае дека постоеле“, вели Глигорова.

Всушност, според неа, ова законско решение иако е добро, не е целосно, односнио има правна неконсеквентност, така што, како што потенцира, правдата кон граѓаните, нема да се исполни целосно.

Таа додава дека застарен долг не постои, не се наплаќа.

„Да бараш камата на застарен долг, е исто како да бараш од починат човек да плати сметка. Морам да бидам брутална за да објаснам дека застарувањето не го решија. Но, ете седнале предизборно да размислуваат за висината на каматата на долг од пред 10 години да не ја надмине основата“, вели Глигорова.https://faktor.mk/kje-se-spasat-li-navistina-gragjanite-od-zaboraveni-smetki—zakonot-e-donesen-no-nema-da-vazi-retroaktivno-a-ima-i-drugi-nejasnotii

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close