fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Ќе снема ли и макарони, сирење и кашкавал од рафтовите?!

Според земјоделците, секој земјоделски производ треба да има цена на чинење во која ќе влезат сите трошоци на производството и под која не треба да се продаваат земјоделските производи.

По замрзнувањето на цената на лебот на 33 денари, од Владата најавија дека неделава се замрзнуваат и цените на тестенините и на млечните производи. Граѓаните се надеваат дека нема да останат без овие производи и дека одлуката ќе биде прифатена од производителите без бојкот на производството и на испораката. Минатата недела, откако Владата ги замрзна цените на лебот, пекарите престанаа да носат леб, па граѓаните мораа да трчаат по маркетите да бараат леб или да месат дома. Откако им се заканија властите со нова одлука и со казни, пекарите попуштија под притисокот и почнаа да испорачуваат леб.

По најавата на премиерот Димитар Ковачевски дека ќе се замрзнуваат цените и на другите производи, од Министерството за економија речиси пристигна информацијата дека ќе се замрзнат и цените на тестенините и на млечните производи, за што веќе се прават анализи.

Ова мерка, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши, ќе биде донесена неделава откако ќе завршат анализите со кои се опфатени сите производи наведени во одлуката за замрзнување на трговската маржа.

Во однос на производителите на леб, Бектеши обвини дека токму тие компании што излегоа на прес-конференција во понеделникот, навечер продавале леб по цена од 50 денари, работеле спротивно на законите, не давале ни фискални сметки.

– Јас сум убеден и како Влада, почнувајќи од премиерот, нема да има никакви отстапки. Во делот на тужбата, секој има право да тужи, демократска држава сме. Немало никаков притисок, а тие не знаат како да избегаат од тоа што го направија – рече Бектеши и ги повика институциите да направат контроли на „нечесните производители“.

 

Според земјоделците, секој земјоделски производ треба да има цена на чинење во која ќе влезат сите трошоци на производството и под која не треба да се продаваат земјоделските производи. Тие сметаат дека на овој начин не само што ќе се мотивираат земјоделците туку и ќе се зголеми производството. И за градинарите, утврдувањето минимална цена на чинење ќе значи спас за земјоделството, но и нивна заштита од „уцените’’ на трговците или преработувачите, кои во голем број случаи им ги откупуваат производите по далеку пониски цени од реалните.

Повторно замрзнување на цените на основните прехранбени производи побараа и од Организацијата на потрошувачи на Македонија, кои беа главни иницијатори за замрзнување на цените уште во 2021 година.

– Ние цело време стоиме на ставот дека треба да се замрзнат цените на основните прехранбени производи. Откако јавно пред една недела, на прес-конференција, побаравме замрзнување на цените, Владата уште наредниот ден излезе со одлуката за замрзнување на цената на лебот. Се покажа дека мерката за ограничување на цените на основните прехранбените производи, која не е популарна мерка во пазарната економија, влијаеше на потрошувачката кошница. Тоа не беше случај со замрзнатите маржи, бидејќи обичниот потрошувач не може да знае дали маржата варира, односно колкава била претходно, а колкава е сега. Тоа може да го утврди само Државниот пазарен инспекторат. Поради тоа, и производителите треба да бидат солидарни и да ја почитуваат одлуката за да не падне сè на грбот на потрошувачот – изјави за ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ.

Според експертите, Владата треба да ги замрзне цените на сите основни прехранбени производи, на брашното, млекото, зејтинот, јајцата, шеќерот, месото… на сите оние производи што сега имаат ограничена маржа. Ако не се направи тоа, цените пак ќе скокнат. Како аргумент го посочува фактот дека Владата премногу долго одбивала да ги замрзне цените, убедена дека треба единствено да ја слуша бизнис-заедницата.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close