fbpx
Вести

Ќе удри ли пролетниот мраз и врз цените на овошјето?

ovosje

Ниските утринските температури под нулата предизвикаа штети кај овошките особено кај кајсијата, која се наоѓаше во нај чувствителната фаза на почеток на формирање на плодот. Среќна околност во овој период од годината кога се јавуваат доцните пролетни мразеви е што не беа на целата територија и кратко траеја

Пролетните ниски утрински температури ги оштетија овошките, но поради краткотрајноста на мразот поголемиот дел од нив ќе бидат само со проретчени плодови. Потрошувачите се надеваат дека тоа нема да се одрази врз цените на овошјето, како што зимските мразови удрија врз цените на зеленчукот и раноградинарските култури. Причината за ова, според агрометеоролозите е што земјоделците во најголем дел не ги слушаат препораките за заштита и не ги загреваат оранжериите, па измрзнатиот род сакаат да го надоместат со повисоките цени.

Според агрометеоролозите, овошките и грозјето се во многу осетливи фази од развојот – процветување или почеток на формирање плод поради што се чувствителни и лесно подложни на оштетувања. Среќна околност во овој период од годината кога се јавуваат доцните пролетни мразеви е што не беа на целата територија и кратко траеја.

Според сегашните согледувања од предизвиканите штети треба да има само проретчување на родот, што од друга страна би значело до одреден степен помалку плодови, но со подобар квалитет.

Земјоделските производители да применат мерки на заштита, со препарати против измрзнување или класични методи со оросување со вештачки дожд во периодот додека температурите се негативни, а тоа е периодот пред изгрејсонце или со зачадување со палење на растителни отпадоци непосредно во парцелите, велат од УХМР.

Во наредниот период не се очекуваат негативни температури, а врнежите во текот на април се добредојдени за второто прихранување на посевите со азотни ѓубриња и подобрување на влажноста во почвата особено во површинскиот слој.

Температурите од околу 20 степени се поволни и за изведување на работите на отворено во градинарството. Времето без врнежи и цветањето на голем дел од овошките и другата вегетација се исто така добри и за пчеларството.

За да не дојде до измрзнување на овошките, агрометеоролозите секоја година предупредуваат да се преземаат мерки за заштита од пролетните ниски утрински температури кои можат делумно или целосно да ги уништат цутовите и формираните плодови. Кај нас, најчесто препораките се однесуваат на зголемување на осигурување на земјоделското земјиште како еден од најдобрите начини на заштита. Во светот, пак, се гледа штетите во овошните насади предизвикани од мразевите по секоја цена да се избегнат или да се ублажат со користење разни мерки за борба против истите.

Најчесто користена заштитна мерка е дренажа, односно одводнување, како и ладење на растенијата за одложено цветање. Исто така, може да се прска со фитохормони за да се одложи цветањето. Ако, пак, цветањето е веќе започнато, отпорноста на цветовите и заврзоците кон ниски температури може значително да се зголеми со прскање на овошките со специјални хемиски средства.

За да се избегне мрзнењето од ниските температури, агрономите препорачуваат одгледување на доцни видови и сорти и користење на бујни подлоги кои го задоцнуваат цутењето, како и избор на локации за садење на овошките каде што доцни вегетацијата.

Одржувањето на овошките во добра здравствена состојба и кастрењето на овошките ја подобруваат нивната вегетативната кондиција, а со тоа ја зголемуваат отпорноста на ниските температури. Заштитата од болести исто така има значајно влијание. Есенското прскање со бакарни препарати, покрај фитосанитетското влијание, ја зголемува и отпорноста на овошките на зимските мразеви, велат експертите.

Според нив, постојат и голем број директни мерки за борба со пролетните мразеви како загревање на насадите, кој е најсигурен начин на борба со пролетните мразеви, но е многу скап и практично неприменлив за наши услови.


 

вечер

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close