Ќе успеат ли  сточарите   да ги  пребродат проблемите со кои се соочуваат?!

(Oвој напис е објавен на: May 22, 2019)

Ќе успеат ли  сточарите   да ги  пребродат проблемите со кои се соочуваат? Најмногу би сакале да го добијат одговорот на ова прашање , сточарите, затоа што се наоѓаат во една ситуација која за нив воопшто не поволна.

-Во моментов имам  170-80 овци, ако оди вака работата  тешко дека ќе го зголемувам стадото. Треба да се ранат, треба жито, концентрат и храна. Од страна храна нешто сам произведувам нешто купувам. Успеав да ги продадам јагнињата по 135ден. Имав среќа, бидејќи некои сточари ги дадоа и за 120, 125 ден. Ги продадов на приватници. Цената е таа, но не се исплати, особено ако немаш храна од сопствено производство. Концентратот е скап. Не се исплаќа од 2500 – 3000 ден јагнето. Цената не треба да биде под 180 ден. вели сточар кој сакаше да остане анонимен.

Вели дека цел живот се занимава со сточарство, но сега размислува да го напушти. Млекото што го добива го прави сирење кое го продава на негови стални муштерии, кои го бараат секоја година. Смета дека субвенциите би требало да бидат повисоки, особено поддршката за оставено женско јагне да не биде под 1500 ден, затоа што треба две години да се расти и рани додека дојде за јагнење. Како и за останатите култури сточарите сметаат дека доколку би имало договорен откуп би било полесно. Судбината на овој сточар ја дели негов соселанец кој исто така сакаше да остане анонимен.

-Мора нешто да се зголеми, ако не е субвенцијата, барем цената на јагнето да биде поголема, оти ние имаме трошок:  жито за овци, концентрат, сено луцерка,  се’ повеќе даваме , а приход имаме … ич. Не успеавме да ги покриеме трошоците, рече сточарот од едно битолско село.

Да продадеме луцерка, жито, сено, концентрат повеќе ќе земеме отколку од јагнето. Нема приход  од ова, додава тој.

Некогаш добро се заработувало и од волната, но сега времињата се сменети. Велат дека ја даваат на приватници по цена  од 15-17 ден., многу ретко по 20 ден.

Во целата оваа мака нашите соговорници велат дека олеснителна околност е тоа што не плаќаат за овчар. Во денешно време тешко се наоѓа овчар кој само  ги паси, а не и да ги молзи овците.

-Како што оди, тешко дека ќе ги зголемиме стадата, јас му помагам на татко ми, ама, татко ми како што гледам нема да го зголемува стадото.  Додека тој можи ќе бидат и овците, понатаму не планирам со ова да се занимавам, тешко, тешко.

Ќе успеат ли да ги пребродат проблемите со кои се соочуваат сточарите  останува да покаже времето?  Има некои од нив на кои сточарството им е семејна традиција.  Дали таа традиција ќе ја продолжат младите,  зависи колку државата ќе ги помогне. Помош за која како што се најавуваше, ќе се знае колку ќе изнесува кога ќе се знае точната бројка на овци во државата.

Павлина  Јовановска

 

 

Share Button