Кире Ристески-Домашното производство на тутун треба да биде на прво место
Ако државата од една реколта тутун зема 100 милиони евра, а исплатува субвенции од 30 милиони евра, се прашувам - кој на кого дава?, вели Ристески.
Кире Ристески, (63) е дипломиран агроном инженер тутунопроизводител од Прилеп, претседател на новоформираното здружени на тутунари „Тутунска Надеж“.
Со тутунопроизводство се занимава 12 години, во почетокот на одгледување на тутунопроизводството засадувал поголема површина на тутун, и тоа првите 4 ,5 години на површина од 2 хектари, но подоцна ја намалил површината на 8 декари, за сега да произведува тутун на површина од 5 декари. Благодарение на оваа култура, Кире вели дека успеал да ги школува своите две деца, да се стекнат со факултетско образование.
-Сите знаеме како течеше годинешниот откуп на тутун, па така да и јас не бев изземен од целокупната ситуација. Со предадени 1,5 тони тутун со просечна цена од 165 денари, воопшто не сум задоволен ниту со класата, ниту со цената, вели Ристески за „Зелена берза“.
Освен со тутунопроизводството Ристески друга култура не произведува, па вели дека главна и основна култура за него е тутунот. Производството на тутун за него значи примена на современи техники и методи со примена на сите арготехнички мерки.
-Па при самото производство на тутун, при припремата на реколтата употребувам посовремени методи на тутунопроизводство, навремено орање, прихранување, заштита на расадот и што е најбитно за оваа култура целокупното производство на тутун го сушам на еден ред. За жал, за сето ова производство не поседувам никаква механизација, немам ни сопствени ниви за садење, значи земја и механизација земам под наем, вели Ристески.
Како прв човек на „Тутунска надеж“ ситуацијата со тутунопроизводството за него се опишува со еден збор, а тоа како што вели за жал е зборот катастрофална ситуација.
-Наместо државата да прави напори да се зголемува производството на тутун од која култура и таа самата има голем бенефит со земање на акциза (сите знаеме дека тутунот е акцизна култура). Ако државата од една реколта зема 100 милиони евра, а исплатува субвенции од 30 милиони евра, па се прашувам – кој на кого дава? Државата зела 100 милиони евра, дала 30 милиони останатите 70 милиони евра кај кого остануваат?, прашува Ристески.
Според него погрешна е политиката на државата за намалување на тутунот од 21 милион килограми тутун на годишно ниво.
-Јас мислам обратно, ние како држава треба да го зголемиме тутунопроизводството поради неколку причини. Најголемите производители на ароматичен тутун како на пример Турција, Грција, Бугарија го намалија производството на тутун на половина, и покрај намалувањето на употреба на ароматичниот тутун во цигари, ние производството треба да го зголемиме како земја која не е членка на Европска Унија. Така да не може ЕУ да не лимитира со производство на тутун. И со колку поголемо производство влеземе во ЕУ толку подобро за нас. Затоа што со започнување на преговорите тие ќе не условуваат да го намалиме производството, смета Ристески.
За него проблем е и доцнењето на субвенциите. Па вели дека и покрај се, со сите тешкотии и неисплатени субвенции тутунопроизводителите започнаа со припрема на новата реколта.
-Со големи финансиски загуби тутунарите со заеми и кредити почнаа да го расадуваат тутунот. За да биде маката поголема во овој многу важен период на расадопроизводство и расадување на тутунот се соочуваме и со зголемување на цената на ѓубривата, прихраните а тука е и покачената цена на нафтата, вели Ристески.
Што се однесува до најавите дека во иднина тутунарите треба да се преориентираат на други земјоделски култури Ристевски смета дека тоа ќе биде тежок процес.
-За промена на друга култура многу тешко. Прво треба да се знае кој реон со кој почвено климатски услови располага. Тука влегува и самиот производител и негова едукација за производство на друга култура. Така да, промената на друга култура ќе оди тешко. На пример, во Прилеп сега да кажете да се одгледува ориз или обратно во Кочани да кажете да биде главна култура тутунот. Или долгогодишен тутунопроизводител да одгледува ориз и обратно, тоа е многу тешко, предочува Ристески.
Инаку, вели дека со своето долгогодишно во сферата на земјоделието не памети откуп на тутунот како годинешниот, иако 30 години работел во тутунската индустрија.
-Морам да се сложам дека оваа реколта беше послаба со квалитет од претходната, но никако не можам да се сложам за толкава разлика во класа и цена. Имаше многу поплаки од сите тутунари за злоупотреба од страна на откупувачите и проценителите. Имено тутунот им се земаше за класа до две пониско, калото во почетокот беше високо но тоа благодарение на нас тутунарите преку протести и со голем притисок калото се намали. Многу откупувачи ја злоупотребуваа шифрата на тутунот, а која е забранета за откуп. Тутунот се купува по класи, а не по шифри. На мострите за тутун пишува класа, а не шифра. Шифрата е за потребите на откупувачите. Главниот проблем е давањето дозвола за увоз на суров тутун. Ако не би се увезувал тутун од надвор нашето производство на ароматичен тутун би било доволно за подмирување на потребите за ароматичен тутун на цигарните фабрики, смета Ристески и накрај порачува дека домашното производство и домашниот тутунар треба да бидат на прво место.
Анета Блажевска