Ќе се брендира мариовскиот мед

(Oвој напис е објавен на: February 24, 2017)

Веста дека двегодишната иницијатива на мариовското еколошко здружение „Кајмакчалан“ доби поддршка, ги крена на нозе одгледувачите на пчелни семејства. Меѓу нив и доајенот на оваа дејност, 90 годишниот Пандо Гламновски.  Жали што нема кој да го наследи, но е горд што на залезот од професија ја дочека дамнешната желба.

„Среќен сум, мариовскиот мед го заслужува ова нема почист еколошки предел од мариовскиот и е одлично поднебје за овој бизнис“, вели најстариот пчелар во битолско, Пандо Гламновски.

366421-mariovskiot-med-stanuva-brend

Секој брендиран производ носи препознатливост на квалитетот, но и дава можност за заштита на производителите и купувачите од нелојалната конкуренција и измамниците, додава Никола Николовски во чие семејство осум децении од колено на колено се пренесува оваа дејност.

„Освен од квалитетот, пласманот зависи и од брендот на производот. Можеме да се фалиме до недоглед, но мора да покажеме што има и во теглата. Оваа иницијатива го нуди тоа“, вели пчеларот Никола Николов.

Мариовските пчелари деновиве остварија средба и со експерти по брендирање од Португалија и Франција. Во започнатата изработка на елаборатот се вклучени и домашни експерти. За позитивен одговор, освен карактеристиките на поднебјето, ќе одлучуваат и резултатите од научните анализи.

„Несомнено е дека ќе се вршат соодветни лабараториски и физичко- хемиски анализи, а резултатите ќе бидат вметнати во елаборатот, а потоа на потег се надлежните“, вели претседателот на битолското здружение и прв човек на Македонскиот пчеларски сојуз, Менде Трајковски.

Позитивниот одговор ќе значи ставање на заштитните етикети на теглите и ќе гарантира за квалитетот на медот кој во Мариово засега го произведуваат над триесетина пчелари со две до две и пол илјади пчелни семејства.

Share Button