Ќе се воведуваат европски стандарди
Регионот покрај реката Струмица половина година е под удар на поплави бидејќи сливното подрачје на реката не е соодветно регулирано и управувано, а во летниот период се соочува со недостиг од вода за наводнување на земјоделските површини. За да се надмине овој проблем, лани летото почна реализација на проект за управување со сливот на реката Струмица, со кој за првпат во земјата ќе се имплементира Европската директива за поплави која, пак, предвидува интегрирано управување со водните ресурси и заштитата од поплави. Претходно е изработен план за управување со сливот на реката Струмица, кој е целосно усогласен со Европската рамковна директива за води и со принципите на интегрираното управување со водните ресурси.
Проектот се реализира преку Програмата за развој на обединетите нации (УНДП), а го финансира Швајцарската агенција за развој и соработка со 2,94 милиони долари.
“Идејата е да се штеди вода во Струмичко, бидејќи парадоксот за овој регион е во тоа што вода нема во лето, кога е најпотребна. Обратно, во остатокот од годината регионот е под удар на поплави, бидејќи навреме не се преземени потребните мерки за да се сведат овие ризици на минимум. Co проектот, на кој ќе работиме до 2021 година, треба да се направат планови како да се организираат надлежните институции за да се намали ризикот од поплави, и да се дефинираат точни мерки и активности кои треба да ги преземе секоја институција. Според Европската директива, треба да има организирана заштита, а не како досега, да се преземаат ад хок мерки, и тоа обично кога е предоцна, односно кога поплавите веќе направиле штети. Веќе е изготвен нацрт-план за управување со сливот на реката, и е на одобрување во Министерството за животна средина”, вели Димитрија Сековски, раководител на програма во УНДП.
Сливот на реката Струмица е еден од четирите главни речни сливови во Македонија и е дел од поголем меѓународен речен слив кој се простира во делови на Македонија, Бугарија и на Грција. Тој опфаќа вкупна површина од 1,484 квадратни километри, односно зафаќа околу 6 отсто од територијата на земјата. Овој слив, главно, минува низ пет општини, односно во Радовиш, Струмица, Василево, Босилово и во Ново Село, со помали делови лоциран во општините Валандово, Конче и Берово.
Сековски вели дека, според Европската директива за заштита од поплави, треба добро да се познава хидролошката состојба на сливот, за да се даде одговор кој дожд во кое време какви поплави и какви штети може да предизвика.
„Врз основа на напредно хидролошко и хидрауличко моделирање, може да се опише однесувањето на поплавата во секој момент, а во комбинација со детални карти на користење на земјиштето, се дефинираат зоните на ризик, односно може да се предвиди колкава штета може да предизвика секој поинтензивен дожд. Ваквите модели за сливот се веќе развиени и тие можат да се стават во функција на идното планирање на мерките за заштита од поплавите од надлежните институции”, вели Сековски.
Анализите кои тимот од УНДП ги правел на дождовите во Струмичкиот Регион, покажале дека, во поглед на интензитетот на дождовите, нема драматична промена, односно дека истите дождови пред 10-15 години не предизвикувале поплави, а сега скоро редовно предизвикуваат штети.
“ Комбинираното влијание на намалената природната пропустливост на земјиштето, изградбата на објекти и подигнување нови земјоделски површини во зоните на ризик, како и моменталната состојба со инфраструктурата се главните фактори кои ги зголемуваат ризиците од поплави. Водата која сливот ја добива преку врнежите, наместо да понира и да ги обновува подземните води, површински истекува, предизвикувајќи поплави. Негативното влијание е двојно, бидејќи водата добиена од врнежите е веќе недостапна за наводнување и за другите потреби”, вели Сековски.
Ризикот од поплави, како што објаснуваат од УНДП, го зголемува и несоодветно димензионираната инфраструктура во речните корита.
“На пример, несоодветно димензионираните мостови со недоволна пропусна способност се ризик фактор. Таков случај имаше пред неколку години во Радовиш, кога новоизграден мост предизвика поплава”, вели Сековски.
Co проектот за управување треба да се намали деградацијата на сливот на реката Струмица и да се подобри економската благосостојба на населението, преку сеопфатни мерки за враќање на социо-еколошките функции на сливот.
„Една од мерките кои треба да се воведат со реализација на проектот е да се подобри понирањето на водата и одводнувањето. Првично ќе се чистат каналите и коритото по должината на целиот слив, односно треба да се исчистат 30 километри од висока вегетација, за да има простор надојдената вода да истече, а не да ги поплави околните земјоделски насади или живеалишта. Веќе е исчистен околу еден километар од моноспитовскиот канал кај Зубово, кое е најниската точка во овој регион и тоа прво страда во случај на поплави”, вели Сековски.
Преку правилно управување со браните во Струмичкиот Регион, исто така, може да се спречи поплава.
“ Ако управувачот со браната навреме ја добие потребната информација колкава количини дожд може да наврнат, претходно навремено може да испушти дел од водата, и кога ќе дојдат дождовите, да има капацитет да ја собере сета вода и да се спречи излевање. Овие европски директиви, всушност, значат навремена превенција за да се спречат евентуални штети или тие да бидат од помал размер”, вели Сековски.
Co проектот е предвидено да се направат обуки на вработените во општините задолжени за следење на малите фабрики и компании кои треба да имаат Б интегрирана еколошка дозвола за работа, изработка на физибилити студија за децентрализиран систем за третман на отпадни води и изградба на неколку помали пречистителни станици.
“Се уште не е дефинирано каде ќе се градат пречистителните станици, но идејата е да се направат за помалите населени места, односно еден систем за пречистување за неколку села”, вели Сековски. Елица Ангеловска
Преку CMC порака ќе знаат дали да наводнуваат
Земјоделството е водечка економска гранка во сливот, а земјоделското земјиште чини речиси 60 отсто од територијата на целиот слив. Доминантни земјоделски култури се пченицата и пченката, зеленчуковите насади во Струмичкиот Регион, а во Општина Радовиш тутунот, фуражните култури, лозарството и, во помала мера, овоштарството.
“Значителната употреба на земјоделски ѓубрива, застарените земјоделски практики, неефикасното наводнување, несоодветното управување со отпадните води, индустриско загадување и високиот ризик од поплави се најголемите причини за влошување на состојбите во животната средина во сливот”, велат од УНДП.
Co проектот е предвидена обука за 55 земјоделци од Струмичко и од Радовишко, со кои тие ќе добијат практични знаења во кои случаи и како треба да употребат ѓубрива за заштита на растенијата и како и кога да ги наводнуваат, a потоа ќе добијат и грантови во опрема и материјали.
“Co новите практики во наводнувањето, односно со системот капка по капка, може за половина да се намали употребата на вода за наводнување, а приносот да биде и подобар. Исто така, ќе се направи анализа на почвата и точно ќе се знае кое ѓубриво недостига, а не да се фрлаат разни хемиски средства секоја година, без да се знае дали почвата е презаситена со нив. Планираме да воведеме и нови технологии, односно со поставување сензори во почвата, да се собираат информации за влажноста на почвата и за состојбата на растенијата, и врз база на нив фармерите да донесат правила одлука кога и колку треба да наводнуваат. Овие информации фармерите ќе можат да ги добијат на Интернет, преку веб-апликација, или како порака на мобилниот телефон “, вели Сековски.