fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Кој ја има земјата, тој ја има државата

Најспорно во концептот за продажба на државната земја е можноста за само десет години купецот земјата да може да ја пренамени во градежни парцели.

Откако се појави законот на ЕНЕР (Единствениот национален електронски регистар на прописи) се увиде сериозноста на власта во најавите дека ќе ја распродава државната земја. Но, од тогаш не стивнаа реакциите како кај обичните земјоделци така и кај стручната јавност. Сите се со исти став дека државната земја не треба воопшто да се размислува да се продава, туку да се бараат начини и модели како да се распредели по пат на јавни огласи и ако целта е да се поттикнат инвестициите тоа да се прави со посебни предлог бизнис планови и во тој случај земјата да се дава и до 99 години, но сепак да остане сопственоста државна.

Власта настапува со сосема спротивни идеи. Не само што планира да продаде уште во првите години фонд од 50 илјади хектари кои претежно е групирано во големи блокови, туку планира тоа да го направи по багателни цени од 12 до 60 денари за метар квадратен и наместо да се предвидат во законот заштитни механизми тој што ќе ја купи земјата да има обврска да произведува храна, во законот е оставено да после период од само десет години, што за земјоделското производство е многу краток период, купецот со земјата може да располага како сака. Ова законско решение предизвика лавина реакции кај земјоделците на кои не им се верува како може еден ваков закон кој ќе донесе еднократна корист долгорочно да го уништи земјоделството, односно единственото нешто што остана од стопанското производство неприватизирано.

 

Гласно НЕ од земјоделците

Бурни се реакциите од обичните земјоделци кои загрижено гледаат кон небото дали ќе има доволно врнежи за есенските посеви, но уште позагрижено ги следат информациите околу намерата на владата да распродава државна земја. Димче Јордановски од Светиниколското село Немањици кој работи околу 30 хектари државна земја е против ваквата идеја.

-Јас мислам дека ова нема смисла и логика никаква бидејќи се создава реална опасност да останеме земјоделци без земја. Не верувам дека има некој земјоделец кој има пари да ја купи земјата или може да земе кредит и потоа да ја плаќа ратата, смета Јордановски.

Овој став го дели и Методи Серафимов земјоделец од Свети Николе.

-Јас сум земјоделец од свои тринаесет години. Сум орал со волови, со раце сум жнеел, со коњи сум вршел, но од земјоделството не сум се откажал. Земјата значи живот, но не само за земјоделецот, туку и за државата зошто произведуваме храна. Дедо ми кој беше роден 1900 година, ми викаше кој ја има земјата, тој ја има државата. Неговите зборови уште ги памтам и јас така размислувам. Така размислуваат и другите земјоделци кои може да се види дека не продаваат земја, бидејќи знаат дека при продажбата на земјата само тој што продава губи. Јас би предложил да се доизгради браната која е до пола изградена за да имаме повеќе вода и да произведуваме повеќе храна и во тој правец да се размислува, а не за продажба на државната земја, рече Серафимов, земјоделец од Свети Николе.

НФФ-Постои реална опасност странци да купат земја

Со посебна анализа, со свои предлози меѓу првите се огласија од Националната федерација на фармери, најголемата организација на земјоделци во земјава.

-Сите знаеме дека Македонија е аграрна земја и колкаво е значењето на земјоделството за националниот буџет и развојот на руралните средини. Нашето одделение за лобирање и развој го разгледа предложениот закон за кој имаме бројни забелешки кои произлегоа од анализата која ја подготвивме. Малите земјоделски стопанства се категорично против продажбата на државната земја, а против вакво законско решение бевме и во 2013 година кога претходната власт донесе сличен ваков закон кој никогаш не заживеа. Земјата е добро од општ интерес кое треба да се штити и унапредува во функција за производството на храна, смета Васка Мојсовска претседателката на Националната федерација на фармери.

Според неа малите земјоделци и малите семејни стопанства особено ги загрижуваат најавите дека ќе се продаваат големи парцели кои се окрупнети и кои се со добар квалитет.

-Бидејќи тие од година во година се со мали капацитети, слаба кредитна способност и немаат шанса да издвојат пари за купување на земјата така што онаа во големите блокови веќе ја гледаат како таксана за големите тајкуни кои ќе ја разграбаат. Дел од земјоделците стравуваат дека со продажбата на големите блокови може да дојде до проблеми со користењето на инфраструктурата како што се патишта или системи за наводнување кои минуваат од една во друга површина, а за кои идните газди на земјата може да им прават проблеми. Постои и реална опасност во можноста странци да купат земја која првите десет години ќе се води на друго лице кое понатаму ќе им ја продаде земјата и државата ќе нема никакво влијание во натамошната експлоатација, смета Мојсовска од Националната федерација на фармери.

 

Експертите контра продажбата на државното земјоделско земјиште

Со сличен став е и најголемиот дел од научната и експертската јавност. Професорот Драги Димитриевски беше против и кога се носеше првиот ваков закон пред 8 години и сега е меѓу најгласните со голем број свои аргументи зошто не треба да се продава земјата или барем не по ваков модел каков што е сега замислен.

-Најдобро е државната земја да се користи преку долгорочен закуп за да има целосна контрола државата врз овој исклучително значаен ресурс. Доколку со некои анализи се утврдило дека треба да се раздвижи пазарот со земјиштето,  јас сум на мислење дека треба да се формира една институција која можеби е најдобро да се вика фонд за располагање со државното земјиште, бидејќи тоа е одомаќено кај земјоделците низ годините и тој фонд да може да продава, но и да купува земја со парите со кои ќе располага. Парите кои ќе се земат од продажбата да се употребат преку ваквиот фонд исклучиво за подобрување на инфраструктурата на земјиштето. Ова што сега се нуди многу ме загрижува дека парите ќе ги потрошиме, земјата трајно ќе ја изгубиме, а најзагрозени ќе бидат малите земјоделци, смета професорот Димитриевски.

Тој се осврна и на искуствата од другите балкански земји.

-Се спомнуваше дека се користени искуства од други земји пред се од Хрватска, но во овој закон што сака сега власта да го протурка не видов ограничувања како во Хрватска каде не може да се продава земја која се граничи до езера, реки или национални паркови и заштитени зони, а забранета е продажба и на земја која се граничи со линијата на урбанистичките планови за да се избегнат шпекулативни намери со купувањето на таквата земја. За мене овој закон ќе предизвика негативни последици на долг рок  заради што потребни се посериозни анализи, да бидат опфатени сите засегнати страни, смета Димитриевски, агроекономист при Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

Една од клучните тези на власта е дека со продажбата ќе се поттикне поголема инвестиција во земјоделскиот сектор. Оваа изјава премиерот Зоран Заев ја даде од говорницата поставена среде лозови насади кои се на државна земја, под концесија, на настан со кој се промовираше како винарската визба „Тиквеш“ инвестира неколку милиони евра во модернизација на лозјата што само уште еднаш потврдува дека бизнисмените не инвестираат ако не ја имаат сопственоста над земјата.

 

Тим на Зелена берза

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close