Кој ќе ги штити посевите од град:Нема авионско засејување на облаците, реагенсите се дефицитарни
Војната во Украина предизвика големо нарушување на светскиот пазар на една од компонентите која е составен дел на реагенсот, која се користи исто така и во ракетните горива, посочуваат од УХМР
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека мерката за авионско засејување на облаците која се спроведуваше од 2020 година, нема да продолжи зашто потребните реагенси се дефицитарни.
Причина за отежнатото снабдување на реагенсите, наведува УХМР, е војната во Украина.
Веднаш штом се стабилизира пазарот со реагенси, УХМР најавува дека ќе распише јавна набавка за активирање на мерката.
-Ги известувам земјоделците и пошироката јавност во Република Северна Македонија дека по три години успешно користење на мерката за авионско засејувања на облаците, оваа година и покрај напорите на Управата, сепак мерката нема да продолжи. Авионското засејување на облаците беше ефикасна метода која успешно се спроведуваше од 2020 та година, со што во повеќе наврати успешно беа спречени штети од град врз земјоделските посеви низ целата територија. За жал, војната во Украина предизвика големо нарушување на светскиот пазар на една од компонентите која е составен дел на реагенсот, која се користи исто така и во ракетните горива. Поради тоа, ваквите реагенси се дефицитарни и тешко достапни, објаснува Управата.
УХМР уредно спровела постапка за јавна набавка, но за разлика од минатите години, овој пат на повикот не се пријавил ниту еден економски оператор.
-Ќе продолжиме да ја следиме состојбата и веднаш штом пазарот со реагенси се стабилизира, повторно ќе распишеме нова јавна набавка за активирање на мерката за заштита од град по пат на авионско засејување. Во меѓувреме, преку нашата веб страница и медиумите, редовно ќе известуваме за временските услови и навреме ќе алармираме за можни временски непогоди со цел земјоделците навремено да преземат мерки за заштита, истакнува УХМР.