Кокаин наместо кафе?
Големите концерни за кафе заработуваат милијарди, додека селаните во земјите производители на кафе одвај преживуваат. Тие предупредуваат од зголемена миграција и премин кон одгледување кока.
Колумбискиот претседател Иван Дуке и неговиот колега од Хондурас, Хуан Орландо Хернандез, избраа симболично место за да испратат предупредување. На имот во Кимбаја, во средиштето на колумбискиот регион за одгледување кафе, двајцата политичари пред неколку дена зборуваа за еден од најтешките проблеми во своите земји. Поради ниската цена на кафето, од екстремна сиромаштија се загрозени 90.000 семејства, предупреди Орландо Хернандез. Додека во Хондурас сѐ повеќе луѓе ја напуштаат земјата поради сиромаштија, во Колумбија се заканува нова опасност.
Крикот на селаните
„Нашата положба е очајна“, вели Роберто Велез, портпарол на колумбиските селани. Тој ги моли пазарите за помош. Тоа би било и во нивен интерес, нагласува Велез, зашто сѐ повеќе селани кои одгледуваат кафе размислуваат да се преориентираат кон, рака на срце илегална, но значително повносна работа – одгледување кока.
Претставниците на одгледувачите на кафе од 30 земји од Латинска Америка, Азија и Африка со отворено писмо се обраќаат директно до концерните како Старбакс или Нестле и предупредуваат од „социјална катастрофа“.
Актуелните цени на многу места не се доволни ниту за покривање на трошоците на производство. Егзистенцијата на семејствата на одгледувачите и берачите на кафе е загрозена. А, наспроти тоа што со поранешната герилска органзиација ФАРК е склучен мировен договор, производството на кокаин во последните две години е значително зголемено.
САД и Европа регистрираат зголемување на испораките на кокаин. Состојбата во Колумбија и онака е тензична, зашто поради катастрофалната ситуација во соседна Венецуела во последните две години во Колумбија пребегаа повеќе од еден милиони луѓе. Тоа ги зголеми социјалните тензии. Кризата околу цената на кафето ја погаѓа земјата во незгоден момент.
Концерните го зголемуваат профитот
На колумбиското подрачје на одгледување кафе меѓу Арменија, Переира и Манизалес, одгледувачите на кафе веќе рано наутро ги следат вестите на телевизија. Како што на други места се следат курсевите на акциите на берзите, овде се следи актуелната цена на суровото кафе на светскиот пазар. „Расположението е мрачно“, известуваат локалните весници. Луѓето се плашат бидејќи цените никако не тргнуваат по нагорна линија. Работата на стрмните падини е не само опасна,туку и многу напорна. Притоа, профитот го собираат концерните, а не одгледувачите.
Додека цената за некои сорти е повторно на рекордно ниско ниво, концерните заработуваат добро. Така, Чибо во 2017 година ја зголемил заработката од 34 на 199 милиони евра. Старбакс во првото тромесечје оваа година го зголемил обртот за 14% во споредба со истиот период лани и тој изнесува околу 6 милијарди долари. Заработката пораснала на 660 милиони долари.
Истовремено, цените на суровото кафе паѓаат. Во ноември 2016 година сортата „колумбиска блага арабика“ чинеше 177,85 центи за фунта (454 грама), додека во септември 2018 година цената падна на само 125,74 центи. Тоа е пад од 25%. Некои сорти кафе го достигнаа најниското ниво на цени во последната деценија. Причини за тоа се големите количества сурово кафе, но и шпекулациите на берзите.
Критики од НВО
„Падот на цените на кафето на светските пазари не е нов, затоа е и одамна почнато преориентирањето кон одгледување кока. Цените на кафето се под производствените трошоци. Со тоа е загрозена егистенцијата на милиони ситни селани. Истовремено, кафе-гиганти остваруваат профити од милијарди долари. Тоа е скандал“, вели за ДВ отецот Михаел Хајнц од хуманитарната организација Адвенијат за помош на Латинска Америка.
„Пофер трговија е одговор на неправедната светска трговија, меѓутоа неопходен е и политички притисок врз мултинационалните концерни“, вели Хајнц, кој одблиску го следи мировниот процес во Колумбија.
Критиката на земјите производители и на невладините организации веќе има почетен ефект. Старбакс неодамна им даде 20 милиони долари итна помош на одгледувачите на кафе во Централна Америка. Капка во море, кој нема којзнае колку да ја поправи ситуацијата во поглед на распределбата на профитот од продажбата на кафето.