Кокино

На 35 километри од Куманово, на надморска височина од 1013 метри, сместена на неовулкански рид веднаш под врвот Татиќев Камен, се наоѓа мегалитската опсерваторија Кокино.
Откривањето на локалитетот „Татиќев Камен” во 2001 год. ни пружи извонредна можност да погледнеме во еден од потемните делови на праисторијата, како од хронолошки, така и од географски аспект.
Во овој, североисточен дел на Р. Македонија, во кој многу малку од регистрираните археолошки локалитети беа истражувани, локалитетот кај селото Кокино не восхити како извонреден извор од информации за животот и духовните достигнувања на бронзенодопските жители од овој регион. Неговото значење кое се должи на двојната употреба – како планинско светилиште и како мегалитска опсерваторија – е единствено на еден поширок простор и сведочи за постоење на една добро организирана заедница со активен духовен живот чии траги допираат до денешнината.
Фактот дека локалитетот бил во употреба и како праисториска (мегалитска) опсерваторија фрли ново светло на праисториските жители и нивното умеење да го подобрат својот живот со организирани и систематски астрономски набљудувања.
Добрата сочуваност на локалитетот до денешни дни, не обврзува, со голема одговорност, за негова заштита во интерес на генерациите што доаѓаат.
Локалитетот е сместен на еден висок неовулкански рид (1013 метри надморска височина) кој доминира над својата поширока околина.
Ридот всушност е вулкански нек (оцврсната лава во изливниот канал на вулканот), а карпите по својот геолошки состав се андензитни. Како резултат на столбестото лачење на лавата, тие испукале хоризонтално и вертикално, создавајќи приближно коцкасти блокови на кои лесно може да се интервенира. Оваа особина ја искористиле праисториските жители за да создадат структури во функција на планинско светилиште и опсерваторија.
Археолошките истражувања започнаа во 2001 год. кога, уште со првите откопи, беше евидентно дека се работи за локалитет исклучително богат со археолошки материјал. Истражувањата продолжија и во наредните години, при што се истражени околу 300 м2 на три сектора: на највисокиот дел на локалитетот и на делови од северната и јужната падина.
Иако културните слоеви се релативно тенки во сите сектори (тие ретко преминуваат дебелина од 1 м.), количината на археолошкиот материјал во нив е изобилна (Сл. 2). Хронолошки, материјалот му припаѓа на бронзеното време (приближно II милениум п.н.е.), при што најстариот материјал е од неговата рана фаза (XIX – XVII век п.н.е.), а најброен е оној од доцното бронзено време.
Ископувањата во мај 2005 год., открија дел од стамбен објект на јужната падина на локалитетот кој според археолошкиот материјал му припаѓа на времето околу VII век п.н.е., т.е. на т.н. развиено железно време.
Некои топографски карактеристики на локалитетот (добра видливост од неговиот највисок дел до кој се стигнува по наклонета тераса огреана од сонцето) ја индицира неговата употреба како света планина на која биле изведувани, веројатно, повеќе планински религиозни обреди. Два од нив се идентификувани во текот на последните истражувања.