
Виница доби нов градски пазар за продажба на овошје, зеленчук, млечни и месни производи
За изградба на новиот пазар се потрошени 24 милиони денари
По половина година интензивна работа граѓаните на Виница конечно добија нов затворен градски пазар лоциран на површина од 1810 квадратни метри со дуќани за продажба на овошје и зеленчук, млечни и месни производи, административна просторија, санитарни јазли и 87 тезги. За негова изградба беа потрошени 24 милиони денари обезбедени од буџетот на Општина Виница.
Покрај тоа извршено е и партерно уредување на просторот околу градскиот пазар за што се потрошени 8,5 милиони денари од кои 7 милиони се обезбедениод Министерството за транспорт. На пуштањето во употреба присствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски.
-Ќе ми дозволите најпрвин да му честитам на градоначалникот за исклучително мотивираната и успешна работа. Да се заблагодарам на советниците коишто ја подржуваат работата на градоначалникот, на администрацијата овде во Виница којашто исто така ја подржуваат работата на градоначалникот бидејќи без тоа не би можело да се реализираат проекти. Исто така би сакал да се заблагодарам и на потпретседателот на Влада и министер за транспорт и на колегите од Владата, на пратеничката којашто е од тука од Виница којшто со својата секојдневна работа и залагање допринесуваат за проект повеќе за Виница, но и за околината, бидејќи тоа е многу значајно на тој начин да се развива целиот овој регион и Општина Виница, изјави премиерот Мицкоски по пуштањето во употреба на пазарот.
Тој од Виница најави уште еден значаен проект којшто конечно започнува со реализација, а тоа, како што кажа, е експресниот пат Кочани-Виница-Делчево
-Следната недела ќе биде распишан јавен повик за изработка на физибилити студија на пред проектно решение практично со што отпочнуваме со реализација на овој проект, тоа е отприлика процес од неколку месеци, а потоа со средства од буџетот и во соработка со меѓународни финансиски институции ќе биде објавен тендер за реализација по принципот жолт фидик на овој проект којшто ќе биде многу значаен којшто е ветуван со години, но еве дојде редот и да се реализира, рече Мицкоски.



