fbpx
ВестиВкусот на традицијатаМакедонијаРурален туризамТоп вести

Не можeте да ја доживеете Битола ако не ги пробате специјалитетите во Градската кафeана

Битола е градот, а „Градската кафеана“ во хотел Епинал Битола е место каде оживуваат спомените и се создаваат нови

Ако патот ве донесе во Битола прошетајте по Широк Сокак и напијте се кафе со локум, но немојте да ја одминете „Градската кафеана “ во хотел ЕпиналИсто како во песните опеани за овој град ќе може да си муабетите со своите пријатели и да уживате во пијалаците и храната подготвена од шеф Александар Видоевски еден од најдобрите готвачи на овие простори..  

Тоа е место каде во една пријатна  атмосфера се навраќа човек на спомените, а оној што за прв пат доаѓа создава нови.

 

„Битола е градот“ е мотото со кое се раководи менаџерскиот тим на Хотел Епинал во Битола и оттаму произлегуваат сите активности кои се насочени во претставувањето на онаа традиција, култура и  сето она што на овој град му дава градска душа. Токму овде во срцето на градот во „Градската кафеана“ се јаде и пие и оние што еднаш пробале од јадењата на Шеф Александар, кого вработените милуваат да го нарекуваат шеф Аце,  дошле пак.

Македонска кујна е многу различна од останатите кујни во светот

Ако се прават споредби со другите кујни во светот, македонската зазема посебно место. Специфична е, поразлична е, би рекле и уникатна, не само  по состојките туку и по начинот на подготовка кој воопшто не е лесен и е барана и од странските а и од домашните гости.

-Не само странците кои посебно ја обожуваат македонската традиционална храна, таа е барана и од овдешните жители особено оние кои немаат време сами да си зготват дома, како тавче гравче сармиподварок со свинско месо и др. Специфична е по тоа што нашата кујна е повеќе на готвени јадења така што за да направите едно такво јадење ви треба час, два дури и три, а има некои јадења за кои е потребно и 4 – 5 часа. За разлика од другите кујни,  на пример италијанската во која претежно се застапени  тестенините и рибите со кои за 10 минути добивате готово јадење, во  нашата кујна тоа не е случај и потребно е повеќе време, објаснува шеф Александар.

Сепак и покрај овие специфики успеваат да бидат услужени и најпребирливите гости.

-За сега успеваме да одговориме на барањата на гостите, затоа што тимот кој работи овде, во Епинал, е искусен со долгогодишен стаж. Само јас овде сум 17 години. А меѓу нас има вработени со многу поголем стаж од мојот.  Имаме шефови на ресторанот кои се 35 години тука, ги знаат гостите и знаат кој што сака и што да направат за да бидат добро услужени и убаво да се чувствуваат. Она што најмногу ми се допаѓа овде е токму тимот и онаа синергија што постои меѓу нас. Горе-долу гостите се исти и ги знаеме нивните вкусови и она што го сакаат, посочува Шеф Александар. Го запрашавме како е да се биде шеф на кујна на еден ваков ресторан, еве што ни одговори:

За некој голема одговорност, за некој доживување, а за некој, важност  За мене е од сите три во едно затоа што шеф на кујна не се станува преку ноќ оваа професија бара многу работа, жртвување , постојано учење и усовршување, вели Александар.

Исто, а сепак различно

Состојките се од особено значење за подготовка на убаво јадење. Она по што е позната „Градската кафеана“ во Епинал, се токму состојките кои се секогаш свежи и со одличен квалитет. Она пак што е најважно и гордост за овој ресторан е тоа што тие се  од сопствено производство

-Она што нè прави посебни во овој ресторан е подготовката на храна со свежи и секогаш одбрани продукти. Имаме сопствено производство на месо, одгледуваме  телиња, свињи и јагниња, сами си правиме сирење, кисело овчо млеко и се останато што е потребно за во кујната, а може да се одгледува на нашите простори. Дел од стопанството се наоѓа во Маврово, а дел во Велесело Мариовско. Нашата цел е да бидеме поразлични од другите ресторани и затоа се насочивме сами да одгледуваме животни. Го знаеме квалитетот, бидејќи знаеме со што ги раниме животните. Оваа идеја беше на нашиот сопствениик, сега покоен Ристо Пеов, и сум многу среќен што нашиот нов сопственик Огнан Циговски , не само што ја продолжи традицијата туку и  го прошири она што беше започнато. Квалитетот е тој што истите продукти ги прави различни, вели во разговорот со Зелена берза шеф Александар.

Традиционална битолска трпеза

Во ресторанот „Градска кафеана“ за секоја сезона има различно мени. Таму има мени дури и за оние што водат посебен режим на исхрана.

Специјално за Зелена берза, Шеф Аце подготви мени со традиционални битолски јадења.

Сарми, гравче тавче , лепчиња со подварок, лепчиња со праз и сирење, макало со компири и суви пиперки, ајвар и кисела зелка  кои исто така  сами ги подготвуваат, а како што напомена тоа се сопствени производи од фирмата  КАК Агро.

Сармите на  шеф Аце

-За сармите секој си има свој рецепт, а еве што јас употребив.

Потребни состојки

-Листови од сторена зелка

-кромид

-мелено говедско месо

-сушена чадена говедска пршута

-ориз

-сува црвена пиперка

-Пропржуваме малку кромид, се додава мелено говедско месо и говедска чадена пршута што му дава посебен вкус на сармата. Потоа се додава ориз  сува  пиперка  и откако се добро ќе се измеша на листовите зелка се става од филот и се виткаат  мали ролни, сарми. Сармите  ги редиме во земјена тава  му се дотура  малку вода и малку расолница и се ставаат во фурна да се печат 3-4 часа. Кога се при крај се подготвува блага запршка со масло, печено брашно, црвена пипер и буковска пипер  и се враќаат повторно во фурната да се допечат. Сармите обично се  служат со кисело млеко или  со чипс од суви црвени  пиперки, а за пиење препорачувам црвено вино, објаснува шеф Аце.

Како што вели повеќето коментари од гостите  се позитивни, а тоа дава можност  и една сигурност да се продолжи понатаму со уште поголем ентузијазам. Доживувањето кога имаш задоволен гостин е прекрасно и не може да се опише со зборови, додава шеф Аце.

Предизвиците за еден шеф на кујна се големи. Она што му е омилено да готви на шеф Аце  се рибите и морската храна за што се усовршувал кај познати кулинарски мајстори. Секако и десертите се дел од предизвиците на еден мајстор во кујна. Десертите во овој ресторан се посебна приказна и оној што е мерак за благо ужива со сите сетила. Со еден збор тоа е  „уметност“, во која очите  уживаат во беспрекорен изглед и незаборавен вкус и мирис на десертот. Желбите   на шеф Александар Видоевски се ресторанот во Епинал еден ден да добие Мишелин ѕвезди кои ги имаат само мал број  ресторани во светот.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close