fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Коњановски-Обезбедени се средства за изградба на влезот на Битола од страната на Прилеп

Вкупната финансиска конструкција за изведбата на овој проект изнесува 177 милиони денари.

БИТОЛА – Обезбедени се средства за изградба на влезот на Битола од страната на Прилеп, кој со децении наназад е грда слика за градот. Главната ставка за изградба на пристоен, нормален и сообраќајно уреден  влез во Битола се обезбедува од буџетот на државата за 2024 година, а една третина од сумата ќе биде на Општина Битола.

Вкупната финансиска конструкција за изведбата на овој проект изнесува 177 милиони денари. Од нив, 110 милиони денари се обезбедени преку државниот буџет за следната 2024 година за време на амандманската расправа во Собранието. Остатокот од 67 милиони денари ќе ги обезбеди општина Битола, објави градоначалникот Тони Коњановски.

„На вчерашната комисиска расправа во Собранието за буџетот за 2024 година прифатен е амандман наменет за капитален проект за Општина Битола. Поконкретно, овие средства ќе бидат предвидени за изградба на влезот во Битола од страната на Прилеп“, објави утрово Коњановски, пишувајќи дека „Ова е само почеток на нашата мисија за преродба на нашиот град“.

Според него, со изготвениот основен проект за реконструкција на улицата „8 Септември“ во должина од 1.400 метри од бензинска „Лукоил“ до таблата за излез спрема Прилеп ќе се работи на атмосферска канализација, водоводна инсталација, коловозна конструкција, улично осветлување, реконструкција на пропуст над Раштански порој, поставување на сообраќајна опрема, експропријација.

Иако на расправата на Комисијата за финансирање и буџет мнозинството го усвои амандманот, Коњановски заслугите му ги припишува на лидерот на неговата партија, Христијан Мицкоски. „Сето ова немаше да беше возможно без напорите на претседателот Христијан Мицкоски и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Македонија, кои во услови на опозиција под сериозни опструкции од власта, успеаја да обезбедат средства за капитален развој на Општина Битола“, вели Коњановски.

„Независен“ пред неполн месец објави сторија за ужасниот влез во Битола од страната на Прилеп.

Влезот за Битола по ништо не потсетува дека води кон град со над 80.000 граѓани, напротив личи на запустен коловоз и предворје на селска средина. Сликата е уште подраматична ноќе, кога прст пред очи не се гледа и нема улично осветлување до пред влезот кај населбата Стрелиште.

Темница е од клучката до влезот на Битола и првата градска населба. Асфалтот е многу лош, со дупки, необележан, без сигнализација, со земја и вирови од насобрана вода, со неискосени треви, расфрлано ѓубре и наместа диви депонии од градежен шут и отпад на самиот раб од коловозот. Лево и десно од таблата на која Општина Битола ви посакува „Добре дојде“ на само метар до два од коловозот „никнати“ се стотици (диво)градби Целиот потег нема пешачки патеки, па пешаците се движат по работ на сообраќајницата.

Владата пред три недели го одобри урбанистички проект за автопатот Прилеп – Битола. Направен е проектот за 29 километри, а вкупната должина на делницата е 40 км. За останатиот дел од трасата ќе се прави дополнителен урбанистички проект. На излезот од Битола интензивно се дупчи и се прават геомеханички испитувања.

Од вчера според АМСМ изменет е режимот на сообраќај на магистралниот пат A3, делница Прилеп-Битола поради изведување на геотехнички истражувања на коловозот.

А.Б

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close