Консолидација на земјиште и земјишно банкарство во фокусот на 13. Меѓународна работилница ЛЕНДНЕТ
За утре е предвидена теренска посета на консолидационото подрачје во селото Егри,Општина Битола.
Споделување регионални искуства и најдобри практики за консолидација на земјиште, земјишно банкарство и справување со напуштањето на земјоделското земјиште, ќе бидат темите на 13. Меѓународна работилница ЛЕНДНЕТ што почнува денеска и ќе се одржува до 27 мај во Скопје.
Како што најавува Канцеларијата на ФАО во Скопје, повеќе од 180 професионалци од областа на управување со земјиште од околу 40 земји, главно од Европа и Централна Азија, ќе присуствуваат на настанот за да дискутираат за инструментите за земјишно банкарство и нивната примена во регионот, со преглед на неодамна објавената студија на ФАО „Европски добри практики за земјишно банкарство“. Претставници од Данска, Латвија и Словенија ќе споделат добри практики и искуства од нивните држави во оваа област.
Научените лекции од воведувањето на консолидацијата на земјиште во Северна Македонија е уште една клучна тема на настанот. Претставници од МЗШВ, Делегацијата на Европската Унија и ФАО ќе ги претстават националните приоритети на земјишната политика, поддршката на ЕУ и ФАО за земјоделството и руралниот развој во Северна Македонија и досегашните успеси во консолидацијата на земјиштето во рамките на проектот МАИНЛАНД финансиран од ЕУ и кофинансиран од ФАО.
Во рамки на настанот, ФАО ќе ја промовира новата иницијатива за воведување образовни програми за консолидација на земјиште во соработка со универзитетите од регионот, вклучително и со Градежниот факултет во Скопје.
Учесниците на ЛЕНДНЕТ ќе разговараат и за напуштањето на руралните средини и земјоделското земјиште во земјава и регионот, но и за тоа како земјоделските политики можат да помогнат во адресирање на овие трендови.
На отворањето на работилницата денеска ќе се обратат Набил Ганги од Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија, шефот за соработка во Делегација на ЕУ Штефен Худолин, деканот на Градежен факултет Златко Србиноски и претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според Канцеларијата на ФАО, потврдено е присуство на учесници од Австрија, Албанија, Антигва и Барбуда, Азербејџан, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Грузија, Данска, Демократска Република Конго, Египет, Естонија, Етиопија, Ерменија, Италија, Казахстан, Киргистан, Косово, Латвија, Лесото, Литванија, Молдавија, Нигерија, Обединетото Кралство, Романија, Северна Македонија, Србија, Словенија, Таџикистан, Турција, Унгарија, Украина, Узбекистан, Финска, Франција, Холандија, Црна Гора и Шпанија.
За утре е предвидена теренска посета на консолидационото подрачје во селото Егри,Општина Битола.
Работилницата, што ќе се одржи во хибриден формат, ја организира ФАО заедно со Градежниот факултет од Скопје во партнерство со Министерството за земјоделство и Делегацијата на ЕУ.