Конзервните фабрики од Гевгелија подготвени за новата производна сезона

(Oвој напис е објавен на: June 25, 2018)

konzervi

Капацитетите на петте конзервни фабрики од Гевгелија се подготвени за новата сезона. Ќе ги приготвуваат познатите производи од зеленчук и овошје, барани на домашниот и странскиот пазар.

Сите се формирани во последната декада од минатиот век, по распадот на некогашниот гевгелиски гигант ЗИК „Винојуг“, со исклучок на фабриката „Хина“ што беше отворена во 2005 година. Лани заедно произведоа преку 20 милиони единици стакленки и лименки со познатите производи од зеленчук и овошје од кои дел пласираа на македонскиот, а поголемиот дел на пазарите во земји-членки на ЕУ, како и во САД, Канада и Австралија.

Компанијата „Випро“ од Гевгелија прва ги воведе производите по традиционални домашни рецепти: ајвар, пинџур, кечап, доматно пире и слатко од зелени смокви.

– Изминатава сезона ја завршивме со продукција на пет милиони стакленки и лименки со тежина од 95 грама до 2,5 литри. Споредено со претходната, имавме благо зголемување на производството од 10 отсто, колку што е проектирано и за оваа година. Нашата фабрика е извозно ориентирана и во тој правец расте извозот главно на пазарите во САД, Канада, Англија и земјите-членки на ЕУ зашто пазарот во Македонија за нас е релативно мал, вели генералниот менаџер Виктор Петков.

Нашата производствена програма, додаде, нуди богата палета квалитетни артикли од пет групи кои сто отсто се изработуваат со суровини од домашна продукција, но нивниот пласман станува се потежок.

– Тоа го прави зголемената конкуренција на светскиот пазар особено од фирми од нашето опкружување, поточно од Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Грција и Хрватска, но мора да продолжиме да се бориме водени од нашиот императив да им служиме на потрошувачите со релевантни, сигурни, квалитетни, здрави и вкусни производи, рече Петков.

Приближно иста продукција во 2017 година на производи од зеленчук и овошје имаа и фабриките „Вори“, „Пајдаков“ и „ДИ-ЕМ“ од Негорци, а нешто помала фабриката „Хина“ од Гевгелија.

– Лани призведовме околу два милиона стакленки и лименки од сите производи и некако упеавме да ги пласираме на пазарите од екс југословенските републики, земјите-членки на ЕУ и САД. Со суровини се снабдуваме исклучиво од кооперанти од Гевгелиско и дополнително од Струмица и Прилеп ако има потреба. Во тој поглед проблем нема, но годинава најавувам намалување на производството за 30 отсто поради покачување на енергенсите, рече директорот Томче Ќичуков.

Гевгелиските конзервни фабрики се познати по приготвување на високо квалитетни производи од зеленчук и овошје кои и годинава се многу барани на пазарите на кои одамна се пробиени. Новата производна сезона веќе почна со приготвување на деликатесното слатко од зелени смокви во погоните на „ДИ-ЕМ“ од Негорци каде се произведени 45 тони. И во останатите погони се е подготвено за почеток на производството со суровини од кооперантите од регионот, со кои сите имаат склучено договори за откуп, како и за прифаќање на вишокот земјоделски производи и овошје во земјава.

Сепак, проблемите со кои се соочуваат преработувачите на зеленчук и овошје од Гевгелија, особено во делот на пласманот на производите се заеднички именител за сите нив. Велат дека подршката што ја имаат од државата е далеку од потребната, посебно во делот на квалитетни економски мерки кои би го прателе и олесниле нивното работење.


 

a1on