Короната, сушата и жешкото лето донесоа повисоки цени на зеленчукот
Истражувањето на Конфедерацијата на синдикати на Македонија покажува дека од месец во месец животот станува поскап.
И покрај тоа што некои земјоделски производи на пазарот сега имаат пониски цени отколку пред неколку месеци, купувачите се жалат дека и понатаму се скапи во споредба со нивните месечни примања. Пандемијата ја направи секоја услуга поскапа, додека во случајот на земјоделските производи и високите температури имаат негативно влијание. Но, како и секогаш, има и такви за кои цените не се високи.
„Во споредба со минатата година, да. Купив пиперки и домати. Во овој период доматите се поскапи. Пиперките не се скапи“.
„Купив пиперки, благи и лути, црвени и зелени. Се подготвуваме за есен. Мислам дека цените се многу добри. Ништо не ми изгледа поскапо. Но, морам да кажам дека ми се допаѓа начинот како го средиле пазарот“.
„Цените не се многу високи, но сепак според нашиот стандард малку се скапи и вирусот имаше свое влијание. Сè е скапо, од пиперки до магдонос. И оваа криза ќе помине“.
Дека цените на некои производи се повисоки не негираат ниту самите продавачи.
„Многу се жалат за цените бидејќи се високи. Времето е топло, а температурите високи, продуктите не преживуваат долго на високи температури. Затоа нема многу количини и затоа цените се повисоки. Сето ова е наше производство“.
„Работата не оди баш најдобро, но како што можете да видите оди некако. Горат на овие температури, тоа предизвикува зголемување на цените каде што купуваме стока и како резултат на тоа и тука треба да ги продаваме поскапо, но купувачите се жалат. Цената на пиперките не е висока, 30 денари е мислам дека не е скапа, но сепак се жалат бидејќи граѓаните немаат пари“.
„Сега лимонот е поскап, портокалот, праските. Нема луѓе, влијае и жештината“.
Во текот на јули, потрошувачката кошница за четиричлено семејство изнесуваше 34 илјади денари или околу 100 евра повеќе од две минимални плати.
Истражувањето на Конфедерацијата на синдикати на Македонија покажува дека од месец во месец животот станува поскап. Во текот на оваа година за 6 месеци потрошувачката кошница порасна за 500 денари.https://alsat.mk/mk/koronata-sushata-i-zheshkoto-leto-donesoa-povisoki-tseni-na-zelenchukot/