Ковачевски: Фокусот на Владата е одржливо земјоделство
Субвенциите ќе бидат исплатени 30% пред да започне сезоната, тогаш кога најмногу им треба средства на земјоделците за да може да инвестираат, а 70% потоа според планот за исплата на субвенциите.
Премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на Економскиот форум во организација на „Finance Think“, зборуваше за актуелната состојба во земјата предизвикана од глобалните промени.
На прашање на организаторите, премиерот Ковачевски се осврна и на актуелниот миг во производството на храна и субвенциите во земјоделството и потенцираше дека во изминатите пет години има инвестиции околу 650 милиони евра.
„Оваа криза нé научи дека мора да се инвестира стратешки. Затоа веќе е направен нов интервентен план кој вклучува инвестирање во пченката, пченицата, јачменот и сончогледот, потоа во полјоделството, сточарството и овоштарството како извозни гранки на нашето земјоделие. Исто така во однос на субвенциите воведуваме неколку новини, а тоа е прво воведување за прв пат на авансни износи на субвенции и тоа ќе почнеме оваа година со овоштарството. Што значи дека субвенциите ќе бидат исплатени 30% пред да започне сезоната, тогаш кога најмногу им треба средства на земјоделците за да може да инвестираат, а 70% потоа според планот за исплата на субвенциите. Второ, ќе бидат зголемени субвенциите за засадување на пченица, пченка, сончоглед и тоа ќе бидат на историски највисоко ниво“, потенцираше претседателот на Владата Ковачевски на дебатата во организација на „Finance Think“.