Ковачевски: Не може да се израмни некој што плаќал стаж 15 години со некој што плаќал 30
Доколку се реализира барањето за линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари тоа би значело дополнителен годишен трошок на Фондот од 220 милиони евра. Фондот нема да го издржи тоа, рече Ковачевски
Пензијата е право од работен однос и не може да се израмни некој што плаќал 15 години стаж на минимална плата со некој што плаќал 30 години на многу поголем износ, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски и додаде дека наскоро ќе биде изработен закон за минимална пензија.
-Не може да кажете дека тоа е исто, бидејќи пензијата е резултат на годините стаж кој ги имал секој поединец и висината на уплатата која правел и тоа е уставна категорија. Фондот за пензиско осигурување е фонд на осигурениците, а државата дотира од изворните приходи на Буџетот за да може тој да функционира непречено. Доколку се реализира барањето за линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари тоа би значело дополнителен годишен трошок на Фондот од 220 милиони евра. Фондот нема да го издржи тоа, рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на скопската компанија „Дата мастерс“.
Тоа, пак, како што кажа, ќе значи и дека нема да можат да земат пензија и тие што плаќале 30 години стаж со повисоки износи.
Нагласи дека министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска веќе одлично ги објасни законот и методологијата за пензиите и додаде дека пензиите за зголемени за 26 отсто, токму откако тој стана премиер, а Тренчевска министерка за труд и социјална политика.
-Низ економско-социјален дијалог се дојде до ново решение за зголемување на пензиите на пензионерите и за една и пол година имаме зголемување за 26 проценти на пензиите. Во моментот кога дојдовме на позициите минималната пензија беше 9.000 денари, сега е 12.500, а во септември ќе стане 13.000 денари. Ако просечната пензија беше 13.000 денари, сега е 19.000 денари и ќе порасне, потенцира Ковачевски.
Појасни дека заедно со Сојузот на здруженијата на пензионерите, Партијата на пензионерите и сите други се направи системско решени врз основа на швајцарскиот модел со што се овозможува зголемување на пензиите два пати годишно согласно со растот на трошоците на живот – инфлацијата и растот на просечната плата.
-Почитувам секого во државата, секој заслужува и повеќе и подобро, но никој не може да каже дека пензиите не се зголемени 26 отсто откако станав премиер. Се сеќавам на времиња кога пензиите беа по седум до осум илјади денари и пред избори се зголемуваа по 570 денари. Веќе министерката Тренчевска имаше состанок со пензионерите кои протестираат, за кои морам да кажам дека се политички мотивирани, и со Сојузот на здруженија на пензионери. Врз основа на информација Владата формираше тим кој заедно со Сојузот на пензионери и другите заинтересирани страни ќе работи на изработка на закон за минимална пензија, но во рамки на процедурите и законите на Фондот за пензиско осигурување, Уставот и методологиите кои се користат за пресметување на пензијата, појасни Ковачевски.