fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Лазар Плетварски-Напорно работиме потрошувачот да го препознае квалитетот на нашата ракија

„Дестилерија Плетварски“-ракии од грозје, тревки, вишни, цреши, праски и други возбудливи идеи.

Лазар Плетварски од Кавадарци е производител на алкохолни пијалаци препознатлив под името „Дестилерија Плетварски“. Својата историја почнува да ја испишува во не толку далечната 2017 година со експериментална работа на ракии од грозје, тревки, вишни, цреши, праски и други возбудливи идеи.

Дестилеријата е регистрирана официјално во 2021 година. Погонот од 80 м2, во централното градско подрачје во Кавадарци е изграден со идеја да ги постигне сите стандарди и да биде пример во сегментот на малите производители на жестоки алкохолни пијалаци.

Нема достапен опис

Процесот на дестилација се врши на мал традиционален дестилационен уред (казан) со цел да се зачува целиот ароматски потенцијал од грозјето, бидејќи како што самите кажуваат „производи се создадени со многу љубов, бавно и внимателно, за пријатели и добри луѓе…“

Плетварски е магистер по земјоделски науки, инаку енолог по професија.

-Јас сум регистриран земјоделец и регистриран производител на алкохолни пијалаци. Поседувам лозов насад на периферијата на Кавадарци и пред 4 години почнав да произведувам сам алкохолни пијалаци. Како тече времето се надградувам во работата, не се водам по рецепти за производство, се што досега сум постигнал е на проби и на грешки. Би рекол, помалку грешки, повеќе проби. Се ова што работам е наука и технологија, вели Плетварски кој беше учесник на винскиот салон „Slow Wine салон 2021“, што се одржа во Битола.

Плетварски вели дека „битката“ за пазарот со индустриското производство на ракија е бавна, но дека се мотивирани од квалитетот кој го поседуваат.

-Го произведуваме најдоброто што го знаеме за потрошувачот да го препознаат тој квалитет. Годишно произведуваме околу 2.500 литри алкохолни пијалаци или околу 3.000 шишиња. Она на што ќе се насочиме во иднина е нашиот квалитет да се искачува што погоре на скалата, вели Плетварски.

Производите на Плетварски засега може да се најдат во продажни салони во Охрид и Скопје.

Нема достапен опис

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close