Легализирањето на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште е операција што многу тешко се одвива. Тоа е горчлив проблем на многу земјоделци во државата и за тоа трпат големи штети.
Без легализација на објектите и без промена на свеста дека „стоката има карактериситчен мирис , а не смрди“ ништо не правиме, вели во разговорот за Зелена берза Ефтим Шаклев претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија.“
Со измените во Законот за земјоделско земјиште , земјоделците мака мачат со легализацијата на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште. Ова е горчлив проблем не само за фармерите туку и за оние што имаат оранжерии, стакленици, пластеници, високи пластеници и сл.Со проширување на урбанистичкиот простор за сметка на земјоделското земјиште сопствениците на вакви објекти се соочуваат со низа проблеми. Бидејќи објектите не им се легализирани не може да добијат документи и да аплицираат на јавни повици за проширување и развој на земјоделското производство.
И покрај тоа што има законска рамка што ја регулира оваа сфера, сепак мал е процентот на земјоделци што успеале да ги легализираат своите објекти.Наспроти нив околу 40 000 објекти во Македонија не се легализирани.
Во општина Битола поднесени биле 120 барања, од нив половината се легализирани
Во законскиот определниот рок за поднесување на барања за легализација на објекти за земјоделско производство во општина Битола, во 2013 и 2014 година, биле поднесени вкупно 120 барања, информираат од општина Битола.
Во 2013 година биле поднесени 88 барања. Од нив 31 се решени, 10 се одбиени, а во постапка се 15 барања. Во министерството за земјоделство шумарство и водостопанство се испратени 32 барања на понатамошно разгледување.
Во 2014 година биле поднесени 32 барања. Од нив 11 се решени, 3 се одбиени, за 9 се води постапка и уште 9 се испратени во ресорното министерство на понатамошно разгледување.
Како што информираат од општина Битола најчест проблем за негативен одговор по барањата на земјоделците биле: не комплетна документација и нерешените имотно правни односи.
Некои земјоделци легализацијата ја бараат и по судски пат
„Според Законот за легализација на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште поднесов барање за легализација на мојата фарма, вели фармер за Зелена берза кој сака да остане анонимен.За жал уште немам добиено такво решение.Правдата ја барам и по судски пат. И покрај тоа што имам еколошка дозвола , а и Управниот суд ги поништи сите претходни решенија од општината, објектот уште не ми е легализиран. Поради тоа трпам големи штети и не можам да аплицирам на ниту еден оглас за користење на средства по некоја од мерките на ИПАРД програмата, додава фармерот за Зелена берза.“
Ваква и слична суд бина делат голем број на земјоделци низ државата што ја потврдуваат и од Асоцијација на земјоделци на Македонија.
„Најголем број на фармите во Македонија се лоцирани во селата и во потесните градски подрачја, информира за Зелена берза претседателот на Асоцијата Ефтим Шаклев.Со промена на урбанистичките планови и со урбанизирањето на руралните средини, практично земјоделското земјиште се претвори во градско и се донесе закон според кој објектите требаше да се легализираат. За таа цел пред 4-5 години имаше оглас и оние сопственици на објекти што ги пријавија како стопански објекти за производство добија решение за легализација, но како фарми тоа не може да го сторат. Околу 90% од фармите во Македонија не се легализирании состојбата е „статус кво“. Додека пак сопствениците викендици кои се во голем број , а се изградени на земјоделско земјиште успеаја да добијат решение за легализација. Ние како Асоцијација на сите средби со владините претставници им укажуваме за постоењето на овој проблем и потребата од промена законската регулатива. Решение гледаме во измена на Законот за легализирање на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште. Ќе продолжиме и понатаму да се бориме оти без легализација на објектите и без промена на свеста дека „стоката има карактериситчен мирис , а не смрди“ ништо не правиме, вели во разговорот за Зелена берза Ефтим Шаклев.“
За разлика од легализацијата на објектите за домување чиј рок на неколку пати беше продолжен, огласот за објекти за земјоделско производство одамна заврши и не е продолжен.
Павлина Јовановска
за ЗЕЛЕНА БЕРЗА