fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Лоши прогнози за новата реколта на кочанскиот ориз

До 70% од орозот им стои во амбарите

И оваа година ќе биде лошо, прогнозираат кочанските производители  во пресрет на новата реколта на оризот. Но, засега  освен временските прилики ништо друго не им оди во прилог. Според нив пак на виделина испливале старите проблеми кои се  таложеле со години, па така и ова година немале  пари ниту желба да  ги посеат нивите. Прашуваат  со кои пари да ја подготват новата реколта кога ги немале да  си го прехранат семејството, а  камоли да ги наполнат резервоарите на тракторите со нафта, бидејќи џебовите им останале празни откако ги платиле долговите по  земјоделските  аптеки каде се задолжиле за препарати и ѓубрива. И не само тоа,  се прашуваат дали  е реално  да ги посеат нивите кога ланскиот ориз  им стои во  амбарите. Производство ќе нема, не знаеме ниту колку  ќе се посее, површините под ориз се намалени за 30 отсто, односно ќе се сее 3.000 хектари, од некогашните 4.000 хектари, револтирани се  оризо производителите. ­­­

Годинава ќе има вода  да се наполнат нивите, но она што ги мачи оризарите е кој ќе ги работи.

-Нема човек под 60 години на нивите, а и тие се  болни  и половина умреа од корона, велат овдешните земјоделци.

Реагираат на неисчистените канали  кои  биле обраснати со трска, па велат дека таман ќе почнат да работат, тогаш  багерите се ќе им ги изгазат нивите.

-Каналите не се ископани, дождовите направија проблеми  и  кога тоа ќе се среди?, прашува Стојче Драшковски млад земјоделец од Облешево додавајќи дека младите како него се разочараа и се иселија  од овие краишта, а на нивите бидејќи нема  кој да ги работи нивите обраснуваат со треба и коров, вели тој.

И натаму откупните цени на оризот се најголема главоболка  на  оризо производителите. Обвинија дека  ништо од ветеното не било остварено.

-Цената е  катастрофална  и  не можеме да размислуваме за нова реколта, дециден е оризо производителот Тони Максимов. Тој истакна  дека  секоја цена под 25 денари за оризовата арпа и 50 денари за белиот ориз е неисплатлива. Прашува до кога ќе чекаат  заштитна цена на оризот и бара субвенциите навреме да им се исплаќаат.

– Должни сме секаде „андреата“ оди 45  денари килограм, ѓубривата поскапеа,  секоја недела се покачува и цената на нафтата. Жално ќе биде верувајте нема да може да сееме и ќе ги оставиме нивите ако вака продолжи работата, вели Максимов.

Според него до 70% од орозот им стои во амбарите.

-Долговите се големи и ќе мора да ги продадеме и нивите на сета мака  што ја  влечеме  со години, смета овој земјоделец. Оризо производителите  бараат помош, но и надеж за оризот за чие производство макотрпно работат и се мачат на нивите.

Водостопанската подружница „Брегалница“ го донесе годишниот план за наводнување за оваа година.

-Во планот да бидат засеани со ориз се планирани околу 3.500 хектари површина што  во споредба со лани е 300 до 400 хектари повеќе површина. Планот е истакнат јавно во сите населени места, пуштени се дописите од месните заедници  и земјоделците се информирани на кои  ниви ќе се сее ориз а кои ќе бидат оставени за крски култури. Браната Калиманци во моментот има акумулирано околу 95 милиони метри кубни вода со просечен доток од 5 метри кубни вода во секунда што е на  задоволително ниво и планираме  да немаме поголеми проблеми околу количината на вода што ни е потребна  за претстојната наводнителна сезона, вели  Дени Митров, директор на Водостопанската подружница „Брегалница“ во Кочани.

 

Јулија Малинова за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close