Ловџиите едногласни против продолжување на ловната сезона по 31 Јануари
Ловџиите едногласни против продолжување на ловната сезона по 31 Јануари
Ловечката федерација остро се спротивставува на идејата да се продолжи ловната сезона на дивечот. Ловџиите откако добиле ваква наредба ги прибрале сите информации и одржеле седница на управниот одбор на федерацијата на кој тие со аргументи образлагаат зошто сметаат дека не треба да се продолжи со лов во сезона кога дивечот е во репродуктивна фаза. На средбата присуствувале и првите луѓе од АХВ, одговорните во МЗШВ за лов и шумарство, високи претставници на инспекторатот за лов како и дел од катедрата за лов при шумарскиот факултет од Скопје професор Малетиќ.
-Поради ново настанатата состојба со појава на Африканската чума кај свињите во соседна Србија во реонот на Пирот и Димитровград и опасноста од нејзино проширување во потесното опкружување, како и во нашата држава, Ловечката Федерација на Македонија деновиве имаше активна комуникација со Ловечкиот Сојуз на Србија и Ловно-риболовниот Сојуз на Бугарија,при што ги добивме сите информации за моменталната состојба, како и за мерките кои ги преземаат. Земајќи ги во предвид сите информации со кои располагаме, како и фактот дека ловната сезона на дива свиња веќе трае 6 месеци и е исполнет планираниот годишен отстрел и за понатамошен отстрел имаме законска пречка, а пред се поаѓајќи од Ловечката етика и морал, не можеме да дозволиме да отстрелуваме бремени женки и да го вознемируваме останатиот дивеч во репродуктивен период. Управниот одбор на Ловечката Федерација на Македонија едногласно зазеде став ловната сезона за лов на диви свињи да заврши во законски предвидениот термин на 31-ви јануари,односно да нема продолжување на ловната сезона.
Нашиот став го темелиме и врз стручното мислење на катедрата за ловство при Шумарскиот Факултет во Скопје, кое е базирано на научна основа и е идентично со нашиот став. За сите разумни мерки, отворени сме за дијалог и нивно спроведување, се вели во соопштението на ловечката федерација на Македонија.
Тие за ваквиот став да не се продолжи ловната сезона во време кога дивечот е во репродуктивна фаза велат дека поддршка добиле од сите активисти и здруженија за заштита на животните како и од Aнима мунди.
З.Б.