вестиРурален туризамТоп вести

Магарево-непокор на Власите под Баба Планина

Коста Ѓоргиев Калица ја раскажува приказната за Магарево

 

-Се зборуваше дека „ако изгори Битола, Магарево ќе може да ја направи, а ако изгори Магарево, Битола не ќе може да го направи“, вели Коста Ѓоргиев-Калица, алудирајќи на богатите и моќни семејства од Магарево.

Се смета дека браќата Константин и Димитар Миладинови, кои беа пет деца и живееја во сиромаштија, се родени во Магарево, од  мајка Султана и татко Христо од Мислешево-Струшко. Таткото на Султана, по име Данаил, во Магарево бил дојден од Москополе, и бил поп во селото. Меѓутоа постои дилема. Доколку биле родени во село Мислешево, зошто за нивното школување во Јанина, Грција добиле стипендија од Магарево и Трново, а не од Мислешево или Струга.

Тие живееле во Магарево и нивната куќа сега е срушена, се наоѓаше на левиот ќош од крстопатот спрема црквата „Св. Димитриј“ во Магарево, вака адвокатот во пензија, осумдесетгодишниот Коста Ѓоргиев-Калица, го започнува разговорот за „Зелена берза“, раскажувајќи ни ја на задоволство приказната за селото Магарево или како што тој вели „бастионот“ на Власите под Пелистер. Според неговите кажувања, по завршувањето на школувањето, Миладиновци се вратиле во овие села, каде според исказите на нивната ученичка Василикија од село Магарево која живеела 101 година, во нивните училишта држеле настава на грчки јазик. Потоа, браќата Миладиновци поради несогласувањето со митрополитот пелагониско-битолски Бенедикт, од Магарево се преселиле во Мислешево-Струга.

Магарево – грчки Мега рема или Голем трап

Магарево лежи под падините на Баба Планина, западно од Битола на оддалеченост од  околу 8 километри.

Повеќето влашки семејства потекнуваат од Москополе-Албанија, кои кон крајот на XVIII век, или поточно по 1767 година побегнаа од таму поради пљачкањето од турскиот Али Паша Јанински-од градот Тепелена, кој на три пати го запалил и ограбил Москополе.

Освен од Москополе, влашките семејства се доселиле и од Бит, Куќи и Пинд. Според статистиките од 1900 година, во селото живееле 2400 жители, сите Власи. Според пописот од 2002 година, селото брои 87 жители од кои 24 Власи.

-Последните години бројот на Власи е многу мал. Има над 25 Власи, но дел од нив се од бракови мешани со Македонци и дојденци од Албанија, вели Ѓоргиев додека кажува по име ги брои своите соседи Власи во Магарево.

Името на селото Магарево произлегува од  зборовите мега-рема што на грчки јазик значи голем трап-(голем дол по кој течи река).

Во секоја куќа пелистерска вода

Жителите на Магарево ги краси голем патриотски дух и висока култура за кое зборува постоењето на Гимназијата, женското училиште, кои ги водеа одлични професори и учители, се присетува Ѓоргиев, кој заедно со свои пријатели за селото оставаат и краток пишуван историски приказ.

Уште во тоа време жителите од Магарево ја имале решено инфраструктурата, така што секоја куќа добивала вода од пелистерските извори со воспоставување на земјени ќумци. Била спроведена и канализација до реката, бразди за наводнување, бразди за одржување на чистотата, но како што вели нашиот соговорник, последните децении, чистотата на водата е под знак прашање поради изградбата на хотелот „Молика“.

-И во нашата куќа од тоа време се уште стои бетонска чешма, а на неа отпосле војната на 1 мај 1950 е поставена и петокрака од тогашната власт, како симбол на новото време, раскажува Ѓоргиев.

Велелепна црква во спомен на „Св. Димитриј“

-Магарево е посебно по многу нешта, а особено плени грандиозната конструкција на селската црква „Св. Димитриј“, која е направена во 1835 година и која по габарит и димензии е иста како црквата „Св. Димитрија“ во Битола и црквата „Св. Димитриј“ во Солун.

Поради недозволувањето на турската власт, црквата во Битола е унаказена во кровот односно нејзиниот кров се разликувал од кровот на црквата во Магарево и црквата во Солун. Најголема заслуга за црквата има Димитриј Бишта од Магарево, кој бил главен донатор и организатор за донирање на парични средства од страна на жителите на ова село. Поради почит спрема него во црквата не започнувала службата без неговото доаѓање. Во црквата се проповедаше на грчки јазик. Во 1871 година, направен е и манастирот „Св. Ѓорги“ и тоа на западната страна од црквата на растојание од околу 500 метри. Во неговата изградба голем придонес даде внукот на Димитриј, по име Петро Бишта, инаку мој дедо, татко на мојата мајка, се присетува Ѓоргиев.

После двете светски војни, црквата и манастирот во Магарево биле оставени на забот на времето, ограбени и  уништени. Но, Власите од Магарево иако раселени низ светот не си ги заборавиле старите корени и многу од нив донирале да се врати сјајот на верските објекти.

-Во 2007 година, благодарение на паричните средства, кои беа добиени од денационализација за имотот на црквата и манастирот, како и големата упорност на жителите на Магарево, заедно со црковниот одбор од селото и со моја помош се обнови кровот на црквата „Св. Димитриј“ и истата се спаси од нејзиното неповратно пропаѓање, вели Ѓоргиев.

Највкусниот кашкавал од влашките мандри

Главно занимање на власите од Магарево им било сточарството и трговијата. Покрај волната незаборавни биле и најквалитетните млечни производи кои ги правеле жителите во своите мандри.  Кашкавалот според својот висок квалитет бил баран на сите пазари, па дури до Америка.

-Додека во Магарево имаше калдрма, во Битола се газеше по кал, дополнува Ѓоргиев.

Семејството на Ѓоргиев се занимавало со трговија, како продолжување на работата на неговиот дедо по мајка Петро Бишта. Подоцна и неговиот татко Алкивијади (Велко), се занимавал со трговија, а семејниот прекар-Калица, што на грчки значи кала-добро лице или добар човек, е добиен од семејството на нивната мајка.

Денес на прсти се бројат влашките фамилии во Магарево

Многу учени луѓе дале влашките фамилии во Магарево, од лекари, инженери, агрономи, аптекари, правници, професори кои се школувале во Германија, Романија, Грција… Некои стари фамилии од Магарево се уште имаат потомци што живеат во селото, како потомците од фамилиите Бишта, Калица, Хаџистерју, Человски, Карабола…

Денес во Магарево останати се малку куќи од староседелците Власи, а во тренд е градење на викенд-куќи на местата на старите разрушени објекти, од страна на потомците на старите жители на Магарево.

-Се надевам дека со Божја помош и со силна желба од сите нас, во Магарево пак ќе се врати поранешниот сјај и селото одново ќе стане бисер на Баба Планина, вели Коста Ѓоргиев-Калица, кој во овие пролетни денови изолиран од актуелните случувања одмора во своја родна куќа во Магарево.

Анета Блажевска

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close