Македонија наскоро на европски пазар со рибни производи
Македонија очекува да добие одобрение од Европска комисија за извоз на рибни производи. Иако не сме земја со многу развиено рибарство, ставањето на листата на одобрени земји кои може да тргуваат со Европа со овие производи ќе овозможи поголем интерес за развој на овој бизнис кај нас…
До крајот на септември Македонија ќе биде ставена на листата земји чии објекти за преработка и производи од риба се одобрени за извоз на европскиот пазар.Во моментов само еден оператор ги исполнува условите но станува збор за македонска компанија која се занимава со купување и препакување риба од Грција и од Аргентина. По дозволата се очекува да се отворат вратите за пласман на европските маркети и за други домашни компании од овој сектор.
Во Агенцијата храна и ветеринарство се регистрирани 120 одгледувалишта на риба. Од нив, 36 се за крап, 59 за пастрмка и 22 се пасивни одгледувалишта.
Во Македонија годишно се трошат 1,5 милиони евра државни пари за финансирање на порибувањето на езерата и реките и изградбата и реконструкцијата на рибниците.
За мандрите на Дојранското езеро и капацитетите за преработка на риби има субвенции од 1,2милиони денари, а најголем дел од годишната финансиската поддршка е наменета за инвестиции во рибниците, за нови капацитети и за продадената риба на пазарот.