fbpx
Вести

МАКЕДОНИЈА СО НАЦИОНАЛЕН ШТАНД НА САЕМОТ „МИР ПИТАНИЕ 2018“ (WORLD FOOD 2018) ВО МОСКВА

Република Македонија со Национален штанд се претставува на најголемиот прехрамбен саем во Југоисточна Европа „МИР ПИТАНИЕ 2018“ (WORLD FOOD 2018) кој денеска на свечен начин е отворен во Москва, во Руската Федерација. До 20 септември  2018 година дванаесет македонски компании, производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук,  ги излагаат своите производи пред посетителите на саемот  и бизнис- круговите од овој дел на светот. Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора и со финансиска поддршка на ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија. Национален штанд на Македонија се простира на 90 квадратни метри, а бизнис – делегацијата составена од 25 деловни луѓе  ја предводи м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската  стопанска комора.

На Националниот штанд на Македонија на саемот во Москва се присатни „Агролозар“ од  Струмица, „Випро“ и „Виториа“  од Гевгелија, „Суна стар“ и „Румко“ од Ресен, „Ларс“ од Штип, „Кривогаштани промет“ од Прилеп, „Бага Фуд“ од Битола,  „Јуникс“, „Химаглион“, „Конимекс“ и „Виталиа“ сите од Скопје. Свој посебен штанд на московскиот саем има компанијата „Витаминка“ од Прилеп.

-Во првото полугодие од годинава македонските компании во Руската Федерација имаат извезено зеленчук во износ од 5,7 милиони САД долари и овошје за близу 4,9 милиони САД долари. Загрижувачко е што е преполовен извозот на зеленчук во споредба со истиот период од лани, пред се,  заради тоа што изостана пласманот на свежата зелка, а за четвртина е намален пласманот на македонското овоштие.За ваквата малаксаност на македонскиот извоз на овошје и зеленчук нема никакви политички причини, туку се работи за одредено неснаоѓање на домашните компании со силната конкуренција на која се изложени на овој пазар.Но, добра вест е што не е намалена побарувачката на македонските земјоделски производи од страна на руските компании, но овојпат се испречува како проблем цената, бидејќи квалитетот на нашите производи никогаш не бил спорен за руските увозници. Од денес на оваа саемска манифестација трае рамковното договарање на пласманите за следната година и се надеваме дека нашите производители и преработувачи заедно со руските увознице ќе успеат да најдат баланс меѓу квалитетот и цената и дека ќе следи зголемен пласман на земјоделски производи на овој пазар, – вели м-р Дејан Бешлиев.

Покрај најголемите извозници  на храна во Руската федерација, на оваа саемска манифестација традицонално се присатни и експерти од областа на агрокомплексот, а деновиве ќе се одржуваат и низа трибини, промоции и презентации, што  го прави овој саем  најголема берза за храна во овој дел на светот. „WORLD FOOD 2017“ привлекува огромна публика, трговци на големо и мало, дистрибутери и ресторани. WorldFood Москва вообичаено е одлична можност и да се промовираат нови производи на рускиот пазар и се очекува македонските компании да ја искористат оваа прилика.

Во московскиот „Експоцентар“, каде што се одржува саемот, излагаат 1600 компании од 62 држави.Во просек изложбата на храна ја посетуваат преку 30.000 посетители од 79 региони во Русија и 90 други држави. Дури 25.000 посетители или 84 отсто од посетителите влијаат на одлучувањето за купување на производи презентирани на саемските штандови.

Македонската бизнис – делегација во Москва ќе има посета и на „Македонски дом“,  во деловниот центар „Фуд сити“, каде ќе има разговори со менаџментот на компанијата која е формирана за поспешување на македонскиот извоз на рускиот пазар.


 

biznisvesti

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close