fbpx
ВестиВино

Македонските црвени вина од сортата Вранец богати со состојки кои го подобруваат здравјето на човекот

Mакедонските вина имаат исклучително висока антиоксидантна активност, а  сортата Вранец предничи пред останатите сорти црвени вина поради највисокото присуство на феноли кои се најзначајните антиоксиданти во виното, покажува истражувањето на кое работеше професорката Виолета Иванова – Петрупулос од Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Покрај поволните климатски услови кои овозможуваат висока концентрација на антиоксиданси во вранецот, врз содржината на фенолите во виното влијаат и технологиите на производство и условите на чување на вината.

makedonskite crveni vina od sortata vranec bogati so sostojki koi go podobruvaat zdravjeto na chovekot

 

На неодамнешната конференција посветена на позитивните здравствени ефекти на виното, организирана од Винарската визба „Тиквеш“, неколку истражувања ги поткрепија овие констатации.

Потенцијалот на Македонија за производство на вино и поволните климатски услови за создавање уникатни вина е неоспорен. Оваа констатација ја потврдуваат бројните истражувања и споредби со другите познати светски вински региони. Климатскиот индекс и распределеноста на врнежите имаат супериорни вредности во тиквешкиот регион, споредено со региони во Италија, Франција, Америка, дури и Јужна Африка. Но, она што е исто така важно е да се утврди дали ваквите услови придонесуваат македонските вина да поседуваат и подобри вредности кога станува збор за состојките што влијаат поволно на здравјето, секако при негова умерена консумација.

Покрај резултатите од истражувањата на проф. Виолета Иванова – Петрупулос од Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, ваквите заклучоци за  високата концентрација на антиоксиданти во сортата вранец одгледана во Македонија, ги потврдуваат и резултатите од истражувањето на д-р Клемен Лисјак од Земјоделскиот Институт на Словенија. Според него полифенолните соединенија во грозјето и виното се директно поврзани со вкусот, бојата и потенцијалот за стареење на виното. Притоа, сортата вранец покажала највисока содржина на антоцијани, кои на вината им ја даваат интензивната црвена боја и подобрени нутритивни вредности, како и на ресвератол, кој е еден од најпознатите полифеноли кога станува збор за позитивните здравствени ефекти на виното.

Дополнително, истражувањето на д-р Лисјак укажува дека количината на полифеноли се зголемува доколку се применуваат контролирани практики за одгледување на грозјето и производство на виното. Оттаму, повисокиот квалитет на виното значи и поповлни здравствени ефекти при умерена консумација.

Кои се поволните здравствени ефекти од умерената консумација на вино?

Виното е богато со биоактивни соединенија, од кои најголемиот дел се полифеноли. Антоцијаните се една од класите полифеноли и делуваат како кардиопротективни агенти, така што умерената консумација на вино овозможува намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Виното има и антиканцерогени карактеристики, влијае на намалувањето на ризикот од синдроми на деменција и невролошки заболувања, го намалува ризикот од појава на дијабетес.

Како заклучок, виното е одличен пијалак доколку се консумира умерено, редовно и доколку неговото производство ги задоволува потребните стандарди. Пиењето вино нема целосно да ги спречи овие заболувања, но неговата умерена консумација сигурно може да функционира како дел од здравиот животен стил. Имајќи го ова во предвид, да наздравиме за виното и доброто здравје!

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close