вестиТоп вести

Турбуленции на глобалниот пазар на месо

Месната индустрија низ Европската Унија се соочува со сѐ поголеми проблеми со продлабочувањето на кризата предизвикана од ширењето на ковид-19. Производителите на свинско, пилешко и на говедско месо мора да се приспособат на новите побарувања на пазарот и работните притисоци што е можно поскоро, се вели во анализата на „ИЕГ полиси агрибизнис“. Како што се истакнува во нивниот напис, глобалниот пазар на месо постојано се менува, индустријата останува без работници, а клиентите ги менуваат навиките, додека меѓународната трговија станува сѐ потешка.

– Цените на месото значително се намалија во некои земји, додека во други останаа непроменети, па дури и малку се зголемија. Се забележува дека цените по кои се продаваат сувомесните производи и сушените продукти се нерамномерни, додека цените на свинското и на говедското месо на одредени пазари се намалени, цените на пилешкото месо и јајцата имаат тенденција на раст. Многу од најголемите светски производители на месо се обидуваат да го одржат снабдувањето на исто ниво и да спречат недостиг на пазарите, но истакнуваат дека кај нив расте стравот од ширењето на зараза меѓу работниците, што би можело да предизвика уште поголемо нарушување на пазарите – се наведува во извештајот.

Мерките воведени заради спречување на ширењето на пандемијата во Европа влијаат на навиките за купување и консумирање месо. Затворањето на рестораните и синџирите за брза храна го зголемува притисокот на пазарот на говедско месо, цените паѓаат и се создаваат проблеми и за производителите и за преработувачите.
Упатените истакнуваат дека е слична ситуацијата и на пазарот на свинско месо, кој претрпи големи нарушувања во февруари, поради случувањата во Кина и логистичките проблеми во кинеските пристаништа.

Сепак, постои оптимизам дека како што се смирува епидемијата, Кина ќе ја зголеми побарувачката, што би ги зголемило и цените во Европа. Сепак, се посочува дека побарувачката на свинско месо во последниов период бележи подеми и падови и поради африканската свинска чума.
Најмалку погодена засега е индустријата за живина, анализите покажуваат дека во оваа криза потрошувачите се префрлаат на пилешко месо и јајца, односно на храна за јадење во домашни услови. Просечните цени за јајца и кокошки за одгледување се на највисоко ниво во последните месеци.

– Исто така, има сериозни проблеми и со работната сила, бидејќи сè поголем број работници се во изолација или во карантин. Поради притисокот да се спречи ширењето на вируси со затворање на границите, отежнат е транспортот на добиток и други земјоделски производи, а забавена е и трговијата со живи животни. Сепак, Брисел ја признава потребата за решавање на овие проблеми за да се избегне недостиг од храна, па се бараат начини како да им овозможи на сезонските земјоделски работници слободно да се движат. ЕК ги повика државите да ги отворат границите за сезонските работници, а се проценува дека околу сто илјади сезонски работници се потребни само во земјоделството, најголем дел на фармите.

Се размислува за посебни препораки со кои работниците ќе можат полесно да ги поминуваат границите – се наведува во извештајот на „ИЕГ полиси агрибизнис“.
Сепак, оттаму додаваат дека водечките европски здруженија на земјоделци се сомневаат дека работниците ќе се согласат да заминат да работат на други пазари. Инаку, околу 1,5 милион луѓе во ЕУ живеат во една земја, а работат во друга, така што ЕК ги повика земјите да им дозволат да ја преминат границата.
Најголемите преработувачи на месо посочуваат дека јасно ја гледаат промената во навиките на потрошувачи предизвикани од пандемија и дека буквално сите се свртуваат кон снабдувањето во супермаркетите. Продажбата на мелено месо расте во однос на поскапите производи, поради што се менува односот помеѓу цените за откуп и продажба.

Британското здружение на производители на месо посочува дека поради раст на интересот за мелено говедско месо, на пазарите има вишок од стек или говедски бут, кои производителите не можат да ги продадат. Цените на добитокот на светскиот пазар исто така благо опаѓаат, бидејќи производителите се загрижени дека може да останат големи суфицити доколку бидат принудени да ги затворат погоните како резултат на појава на зараза кај работниците.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close