fbpx
ВестиТоп вести

Овчарството тоне заради ниската откупна цена на јагнето

Одгледувачите на овци бараат државата да се заинтересира за проблемите со кои се соочува оваа гранка и да се преземат мерки за спас на сточарството кое тоне. Ниската откупна цена на јагнето изминативе неколку откупни циклуси за божиќ и за велигден кога откупот се вршеше по околу 140 денари за килограм е најголемиот проблем кој ги тера фармерите да ги продаваат стадата и најчесто да заминат во странство. Во штипското село Чардаклија сточарот Иле Мушев го затекнавме целосно ангажиран околу своето стадо од 550 овци. Но ако на времето со толкава бројка овци некој бил газда и имал солидна заработувачка и добар живот сега оваа бројка само маки и дополнителен труд му носи без заработувачка. Заради ниската цена на јагнето прави споредба дека кога почнал со 150 овци имал повеќе пари кои ги инвестирал во опрема и механизација отколку сега кога има три пати повеќе овци и брои загуби.

-Сега е најлоша состојбата во овчарството затоа што е ниска откупната цена на јагнето. Високи ни се цените на овчарите, зошто нема цена јагнето и не може да опстанеме со ова темпо. Голем дел од овците од мое село се продадоа и ако не поминам добро за велигденскиот откуп ако и тогаш цената е ниска и јас планирам се да продадам и да си ја барам среќата во нешто друго или во странство. Порано во моето село имаше 6 илјади овци сега најмногу да има 2 илјади. Луѓето се разочарани бидејќи се уценети од трговците да го дават јагнето по багателни цени, бидејќи не може да чека јагнето и затоа се празнат трлата, вели Мушев.

Со цена од 140 денари за јагнето одгледувачите на овци велат дека само се во загуба. Според нив државата ако сака да го реши проблемот треба да се вклучи и да ја доплати разликата помеѓу откупната и реалната производна цена која би требало да биде според нивните пресметки од 180 до 200 денари. Покрај решавањето на проблемот со ниските цени на јагнето предлагаат и зголемување на субвенциите.

-Субвенциите наместо по 1000 денари за овца и 1700 за задржано женско јагне треба да бидат најмалку по 2000 денари за овца и нешто повеќе за јагне оставено за приплод. Гледаме дека неколку кратно повеќе земаат сточарите од Хрватска и Србија за да се зголемува сточарството и така треба да биде и кај нас ако сакаме да ги задржиме младите и да ја задржиме и стоката која ја имаме. Ако се зголемат субвенциите и да имаме добра цена на јагнето јас ќе го направам стадото до 800 грла вели сточарот Мушев од штипско Чардаклија.

Во Македонија од некогашните 2 милиони овци бројката е пет кратно намалена и се уште е во постојан пад. Се наближува велигденскиот откуп на јагниња кој ќе биде пресуден дали до тогаш ќе се преземат мерки за спас на сточарите или ќе се остави трговците да ја скројат судбината на една многу значајна сточарска гранка.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close